четврток, 26 септември 2024

Македонски средношколци преку проекти со врсници од Западен Балкан ќе градат толеранција и дијалог

Објавен е третиот циклус од програмата „Супер училишта“, која е поддржана од Европската комисија и Германското сојузно Министерство за економска соработка и развој, а се имплементира од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Станува збор за програма на размена, која овозможува македонски ученици да стекнат нови искуства и да запознаат различни култури како и да спроведат заеднички активности со нивните врсници од Западен Балкан.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во програмата опфатени се 15 средни училишта од државата кои ќе реализираат заеднички проекти со партнерските училишта од регионот.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека оваа програма за училишна размена може да помогне во издигнување на веројатно најважните вредности во моментов,а тоа е толеранција, емпатија, дијалог, соработка, ненасилство и инклузивност.

Таа смета дека со ова се промовира благородна идеја на заедништво на младите од регионот на Западен Балкан, нешто што е од исклучителна важност.

„Не сум сигурна дека светот што ние возрасните им го нудиме за живот на децата и младите е доволно исполнет со доверба, пријателство, единство и еднаквост. Но затоа пак, овие 15 проекти јасно покажуваат дека младите знаат да се поврзуваат и покрај различностите, а од предизвиците умеат да создадат можност за соработка“, вели Јаневска.

Според министерката, дружењето на средношколци од различни држави, не е само споделување на размислувања желби и стравувања, туку и основа за градење примерна и постабилна иднина на овие простори.

„Регионот на Западен Балкан лежи на предрасуди. За нивно уривање и јакнење на довербата за градење на партнерство со различните од себе, неопходно е да влијаеме врз децата и младите системски, преку образованието, но неопходна е и поддршката како од граѓанскиот сектор, така и од меѓународната заедница. Изградбата на трајни пријателства, изградбата на заедништво, препознавањето на регионот како една целина, препознавањето на различностите како богатство, а не како нешто негативно, е од исклучително значење за целиот регион“, вели Јаневска.

Државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади Фатмир Сабриу смета дека програмата „Супер училишта“ е важен чекор кон создавање на глобално свесни млади лидери.

„Младите луѓе се сегашноста и иднината на нашето општество, а ние мораме да им овозможиме алатки и ресурси за да успеат. Ние, претставниците на институциите, граѓанскиот сектор, професорите, како и родителите, ја носиме одговорноста да им обезбедиме шанса за развој на нивниот потенцијал. Убеден сум дека секој млад човек во себе носи потенцијал, само е потребна поддршка и услови за тој потенцијал да го достигне својот максимум, а тоа значи млади луѓе коиќе бидат креатори на политики, на иновации, на нашето подобро утре“, вели Сабриу.

Тој смета дека програмата за размена овозможува македонските ученици да стекнат нови искуства, да запознаат различни култури и да создадат пријателства со врсници од други земји.

„Овие искуства не само што ја збогатуваат нашата образовна средина, туку ја поттикнува креативноста и иновацијата. Млади, не заборавајте дека имате моќ да влијаете. Бидете активни, ангажирајте се и не се плашете да ги делите своите мислења. Вашата перспектива е вредна и значајна. Вложете се во вашето образование, развивајте ги своите вештини“, вели Сабриу.

Владимир Ѓорѓевски, раководител на локалната канцеларија на РИКО во Скопје најавува дека во рамките на овој проект со училиштата ќе бидат во постојана соработка и ќе ги имплементираат овие програми заедно.

„Тука сме да го одбележиме успехот во нашата мисија на помирување, културна и регионална соработка на училиштата и младите. Тоа е нашата главна цел и затоа сме многу благодарни на ЕУ. Ќе ги потпишеме договорите со овие 15 средни училишта и веќе сме подготвени за креирање програми, агенди и ќе бидеме во постојана соработка“, вели Ѓорѓевски.

РИКО е меѓувладина организација која управува и промовира регионална и интеркултурна соработка на младите луѓе во и помеѓу општествата во Западен Балкан.

Средните училишта со прифатени проекти за соработка со партнерски училишта од регионот се: АСУЦ „Боро Петрушевски” од Скопје, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски” од Охрид, СОУ „Јосиф Јосифовски” од Гевгелија, СОУ „Коста Сусинов” од Радовиш, ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески” од Охрид, СМУГС „Др. Панче Караѓозов” од Скопје, СОУ „Методи Митевски – Брицо” од Делчево, Училишен Центар за Едукација и Рехабилитација „Партенија Зографски” од Скопје, „Американ хај скул” од Скопје, СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци, СОУ „Јане Сандански” од Штип, СГГУГС „Здравко Цветковски” од Скопје, Државно Средно Училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ” од Куманово, Државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец” од Тетово и ОСЕУ „8-ми Септември“ од Тетово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ