На настанот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации, во соработка со Kабинетот на Претседателот на Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претседателката Гордана Сиљановска Давкова која ќе ја предводи македонската делегација на КОП 29, во Баку, Азербејџан, ја истакна важноста на новиот Закон за климатска акција и негово доследно имплементирање.
„Со Законот за климатска акција, ние практично ќе имплементираме дел од можеби најтешкиот и најскап кластер во преговорите за членство во Европската Унија, а тоа е ‘Зелената агенда и одржливото поврзување’. Овој кластер во себе ги вклучува поглавјата за транспорт, енергетика, трансевропски мрежи и животна средина и климатски промени. Се проценува дека само за транзиција кон обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност се потребни околу 3.1 милијарди евра“, истакна претседателката.
Во таа насока, додаде таа, КОП 29 ќе биде од суштинско значење и за обезбедување средства за имплементација.
„Затоа, ние мора да ги презентираме нашите стратегии, планови и активности и да бараме финансиски средства за нивно спроведување. Финансирањето е клучот за имплементацијата, особено на декарбонизацијата на енергетскиот сектор“, порача претседателката Сиљановска Давкова.
Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, најголем дел од овие средства се очекува да дојдат преку инвестициите на приватниот сектор во обновливите извори на енергија. Но, додава таа, останува на државата да изгради базни капацитети кои ќе овозможат напуштање на јагленот како гориво и изградба на потребната енергетска инфраструктура.
„Препознавајќи ги овие потреби, ја воспоставивме Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција“, рече Божиновска.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, потврди дека проширениот состав на државната делегација на КОП 29 е доказ за сериозноста со која се пристапува кон предизвикот на климатските промени.
„Прв пат, во делегацијата учествуваат и претставник на ЦУК и директорот на УХМР, со што ја потврдуваме важноста на улогата на овие институции за развивање политики за намалување на последиците од катастрофите и екстремните временски прилики предизвикани од климатските промени“, рече Меџити.
Тој денеска по настанот изјави дека во новиот буџет фокусот е ставен и на финансирањето на еколошките проекти, за кои сѐ уште се разговара и се водат консултации.
„Сѐ уште разговараме, дебатираме, сме во консултации со сите министерства, сите ресори. Фокусот е ставен и на Министерство за екологија, затоа што тоа е во агендата на владата и затоа сме денеска тука на подготовки за КОП 29. Значи каде што ќе разгледаме новите можности, финансиски можности како да го решиме проблемот со загадувањето, проблемите со коишто се соочуваме. Исто така, што се однесува до определбите на ВЛЕН во текот на изборите беше и останува во фокус децентрализацијата којашто е битна за сите општини, но и за нашите оопштини. Оваа година се веќе наменети 100 милиони евра, наредната 250 милиони евра, и мислам дека тоа веќе ќе се чувствува во сите општини, бидејќи во сите општини ќе се работи на конкретни проблеми, на конкретни решенија од кои придобивки ќе добијат граѓаните во општините. Во фокусот е и образованието, не само со инвестиција што е предвидена за кампусот Мајка Тереза генерално образованието е најдобра инвестиција и ќе остане во нашите приоритети“, рече Меџити прашан за коментар за буџетот за 2025 година.
Прашан има ли конкретни мерки како оваа зима да имаме помалку загаден воздух, тој најави дека е тоа комплексно прашање кое бара комплексни активности.
„Тоа е комлексно прашање, значи и комплексна лепеза на активности оти не може преку ноќ да се реши. Но, добро е што трендот е на едно подобрување во однос на поранешниот период, секоја година значи периодот се скратува на загадувањето иако со тоа не треба да бидеме задоволни. Затоа работиме интензивно, секојдневно, како тоа да го решиме полека, но сигурно, значи со повеќе мерки почнувајќи и во соработка со локалната самоуправа, бидејќи и овие проекти се 40 отсто насочени во екологија, некаде за подземна инфраструктура, некаде за зелени површини. Во периодов ќе ве информираме речиси секоја недела со конкретни активности што ќе ги преземеме како министерство“, изјави Меџити.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на обединетите нации, Армен Григорјан, рече дека УНДП и во наредниот период ќе продолжи со силната поддршка на климатската акција во државата.
„Климатските промени не се предизвик со кој државите можат да се соочат самостојно. Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Како и во минатите 20 години, Програмата за развој на Обединетите Нации, ќе продолжи со силната поддршка на државата преку повеќе проекти како за намалување на емисиите на стакленички гасови, адаптација кон климатските промени и зголемување на отпорноста со што ќе се засили климатската агенда во државата“, изјави Григорјан.
Тој презентираше и истражување на јавното мислење за климатските промени спроведено од УНДП и Оксфорд Универзитетот во 2024 во кое биле опфатени 73.000 лица во 77 земји во светот, што претствува 87 проценти од светската популација. Според анкетата, владите се посочени како институции со најголемо влијание во адресирањето на климатските промени. Во 89 проценти од земјите опфатени со истражувањето, 43 проценти од луѓето сметаат дека владите имаат најголемо влијание во справувањето со климатските промени во однос на која било друга група. Мнозинството од луѓето, односно на глобално ниво четири од пет луѓе или 80 отсто, сакаат нивните замји да ја зајакнат посветеноста во однос на адресирање на проблемот на климатските промени.
Конференција на страните за климатски промени (КОП) започнува во 1995 година со првата Конференција одржана во Берлин, по донесувањето на Конвенцијата за Климатски промени од страна на Обединетите нации во 1994 година. Отогаш до денес КОП служи како клучна платформа за преговарање за меѓународните климатски политики, унапредување на климатските активности и поттикнување на глобалната соработка за да се постигне одржлива иднина.