четврток, 19 септември 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зaкон за смрт

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Откако во Апсурдистан веќе сè беше раздадено за џабе на домашните и белосветските праматари — или како што тоа политички коректно се вика — приватизирано, така што не беше останал камен на камен неприватизиран: дури и најнечитаните книги во Апсурдистанската библиотека беа приватизирани сосе прашината врз нив (при што, чесно е да се каже, дека инвеститорите всушност дадоа понуда за прашината, а книгите ги добија во пакет со прашината, што сведочи за нивниот истенчен осет за бизнис) — демократијата во Апсурдистан беше сериозно доведена во прашање.

За да ја извлечат демократијата од криза, мудрите експертски тимби од Апсурдистан мораа да смислат нешто што домашните и белосветските праматари, пардон, инвеститори, би можеле да го земаат речиси за џабе од Апсурдистанците, или, политички коректно кажано: да го приватизираат. Бидејќи сè додека има експлоатација, ова… приватизација… ќе има и демократија.  По детални консултации со самата Метафизичка управа, се испостави дека единствено што уште не беше приватизирано во Апсурдистан беше смртта.

И така, беше изгласан нов Закон за трговија со смртта, според којшто сите Апсурдистанци беа обврзани да ја продаваат својата смрт на разни домашни и белосветски милионери и милијардери. Секако, милионерите и милијардерите беа исклучени од овој закон. Оттогаш, Апсурдистанците, покрај тоа што веќе одамна не живееја за себе, туку за туѓи бели дворови, веќе не ни умираа за себе, умираа за други, имено за милионерите и милијардерите, кои, пак, постојано купувајќи туѓа смрт, самите не мораа да умрат. Проблемот со пренаселеноста и загаденоста беше постепено решен, бидејќи како што залихите од смрт се трошеа, имаше сè помалку луѓе, проблемот со сиромаштијата исто така, бидејќи Апсурдистанците сега можеа да умрат за своите газди како релативно добро обезбедени мртовци. Но она што можеби беше најважно за секоја една демократија, економскиот раст, се вивна до небото, како вавилонска кула — со нагло смалена популација што повеќе не кенка за социјална држава, со драстично зголемени ресурси и технолошки можности за експлоатација, милијардерите стануваа трилијардери, трилијардерите тетралијардери… ѓавол да го земе, најпосле требаше да се измисли некој нов вражји број за да се означи богатството на последниот белосветски праматар, кој, патем, во меѓувреме, ем културолошки, ем астрономски коректно беше се претворил во црногалактички.

Меѓутоа овој свет брак меѓу метафизиката и капиталот почна да се ниша кога црногалактичкиот праматар беше останал сам и немаше од кого да купи смрт. И најпосле, откако изживеа милениуми со неброени туѓи умирачки, мораше да  умре со својата.

Шљупков, меѓутоа, не можеше да умре — зашто, уште од кога беше изгласан Законот за трговија со смрт, никој не му беше побарал да ја купи неговата смрт и постепено, како што тоа често бива во Апсурдистан, беше заборавен од надлежните: немајќи пари да купува туѓи смрти и без заинтересиран купец за неговата смрт, Шљупков едноставно беше заборавил како се умира.

Сам и неспособен да умре, Шљупков ја увиде апсурдноста на вечноста и не му преостана ништо друго да прави, освен да го мине времето во преписка со Метафизичката управа (која, пак, по дефиниција беше бесмртна) за бесмисленоста на вечноста, надевајќи се дека, сепак, еден ден, можеби преписката ќе го убие.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Стефан Митиќ

Зошто САД се плашат од ТикТок?

Рајко Пеколски

Одложено дејство

Драган Даниловски

Oд јавно-здравствен аспект, седиме на „буре барут“!

Бранко Прља

Како Македонија може да фати чекор со дигиталната револуција

Самуел Колономос Садикарио

Историска комисија

Ристо Цицонков

Вoзнемирувачка иднина (3)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ