понеделник, 7 октомври 2024

Кршење на правилата за азил: Будимпешта не ги плаќа казните на ЕУ, Брисел зема пари од фондовите за Унгарија

Европската Унија денес го почна процесот на враќање на стотици милиони долари од фондовите за Унгарија, бидејќи таа земја одбива да ја плати големата казна поради кршењето на правилата на блокот за азил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европскиот суд на правдата во јуни ѝ наложи на Унгарија да плати 200 милиони евра затоа што на мигрантите упорно им го ускратува правото да поднесат барање за азил. Судот изрече и дополнителна казна од милион евра дневно за секој ден неусогласување со правилата на ЕУ.

Унгарските акции во однос на ззилот судот ги опиша како „исклучително сериозно и без преседан кршење на законите на ЕУ“, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан за судската одлука кажа дека е „нечуена и неприфатлива“.

Европската комисија соопшти дека Брисел, имајќи предвид дека Будимпешта не платила и дека не го известила за своите намери, „преминува на процедура на пребивање (на долгот)“ со земање пари кои инаку би заминале во Унгарија од заедничките фондови.

„Сега ќе одбиеме 200 милиони евра од претстојните плаќања на Унгарија од буџетот на ЕУ“, кажа портпаролот на ЕК Балаш Ујвари, додавајќи дека ќе биде потребно време за да се утврди кои делови од финансирањето може да бидат одземени.

Тој кажа и дека дневните казни достигнале 93 милиони евра.

Судот во 2020 година утврди дека Унгарија го ограничила пристапот до меѓународната заштита, незаконски притворала луѓе кои поднеле барање за азил и не го почитувала нивното право да останат во земјата додека им се обработуваат барањата.

Во новата пресуда од јуни 2024, судот оцени дека Унгарија не ги презела потребните мерки за извршување на пресудата од 2020 и одлучи строго да ја казни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ