Илјадници пејџери далечински и симултано беа активирани низ Либан, убивајќи најмалку девет лица и ранувајќи речиси 3.000 во вторникот. Либанскиот министер за здравство Фирас Абијад кажа дека меѓу загинатите е и едно мало девојче, и дека повеќе од 200 луѓе добиле тешки повреди.
Хезболах го обвини Израел за експлозиите и најави дека ќе ја добие „заслужената казна“, и соопшти дека спроведува безбедносна и научна истрага за причините за експлозиите. Либанскиот министер за информирање Зијад Макари го осуди нападот како „израелска агресија“. Израелската војска не ги коментираше експлозиите, но соопшти дека високи команданти спровеле проценка на ситуацијата со фокус на спремноста за офанзивни и дефанзивни акции на сите фронтови.
По нападот се појавија снимки од пејџерите, со лепенки на задниот дел кои одговараат на пејџерите кои ги произведува тајванската компанија Голд Аполо, покажала анализа на Ројтерс.
Основачот на оваа компанија Хсу Чинг Куанг негираше дека тие ги произвеле пејџерите, кажувајќи дека се направени во една компанија во Европа која имала право да го користи нивниот бренд.
„Производот не е наш. Само на него стоеше нашиот бренд. Ние сме одговорна компанија. Ова е многу непријатно“, кажа тој.
Извор од Хезболах кажал дека веруваат дека нападот е одговор на наводен обид за убиство на шиитската милиција на поранешен висок израелски одбранбен функционер, откриен во вторникот од страна на израелската безбедносна агенција Шин Бет.
Хезболах нападот го нарече ескалација која ќе доведе до израелски пораз.