понеделник, 14 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Одложено дејство

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден граѓанинот Шљупков се разбуди како безрбетник. Тресна на подот како сива аморфна маса и му требаше некое време да се прилагоди да ползи, наместо да оди. Со р’бет или без него, Капиталот беше неумолив и мораше да тече, па така Шљупков, мораше да оди… да доползи до работното место. Згрозен од неочекуваната метаморфоза на својот вработен, шефот на Шљупков веднаш го прати на доктор.

Лекарот му констатира на Шљупков атрофија на р’бетот, како последица на континуираното веднење и свивање пред банкарски и административни шалтери, изборни, историски и меѓународни комисии, домашни и меѓународни инвеститори, снисходење пред министри, директори, амбасадори, претставници, пратеници, застапници, силеџии, судии, полицајци, доверители, извршители, активисти, лобисти… Најпосле, лекарот му препиша лекарства на Шљупков за да му порасне нов р’бет, меѓутоа овој р’бет беше со одложено дејство, што значеше дека ќе порасне некој пат, но дури и кога ќе порасне, уште нема да овозможи исправено држење, но кога тогаш… и тоа ќе биде…

Во меѓувреме, Шљупков откри дека да се биде безрбетник си има свои предности. Имено, сега наместо тој да им се трга од патот на луѓето, тие му се тргаа нему, бидејќи не сакаа да згазат во лигавата слуз која ја испушташе неговото безрбетно тело додека ползеше. Згора на тоа, со ползење успеваше да се протне на места, каде што со одење не можеше да се дојде: во Владата, во Академијата, во институтите и институциите, судовите, полицијата, невладините, медиумите… На свое големо изненадување, Шљупков откри дека сите во овие високоуважени установи и организации се безрбетници, грижливо маскирани од останатиот народ со одела, вратоврски, униформи… Сите тие веќе беа развиле р’бети со одложено дејство, но само колку да можат да ги облечат оделата и вратоврските додека авторитарно… ова авторитативно дефилираат пред народот. Но штом ќе седнеа зад затворените врати на своите кабинети, се ослободуваа од неподносливиот притисок на тоа да се има р’бет — макар и само како потпора за одело и вратоврска — и ја заземаа својата природна безрбетна форма.

Но тоа не беше сè: Шљупков откри дека апсурдистанската влада проникнала далеку во тајните на еволуцијата: имено, се испостави дека нејзините членови беа и безочни, безушни, безлобусни, бессрци… единствено имаа заби и јазици, бидејќи желудникот секако си го бараше своето, а освен тоа и народот и потчинетите мораа да бидат држени во ред со комбинација од повремено вревење и касање, или како што тоа политички коректно се вика — граѓанско општество.

Се покажа дека оваа еволутивна метаморфоза е особено корисна при работата со Метафизичката Унија, која не поднесуваше р’бети, очи, уши и други сетилни органи кај своите стратешки партнери, туку само прочистени, трансцендентални идеи, чисти, безизразни ништа, кои само земаат облик на нешто или по наредба, или колку да ја прикријат својата ништожност… Со други зборови, апсурдистанските политичари и бирократи беа нешта со одложено дејство.

Е, затоа, пак, кај обичниот апсурдистански народ, работите стоеа обратно: постојано изложен на негација, загадување, бучава, бетон, асфалт, горештини, мали плати и големи сметки, високи згради и ниски удари, урбана мафија и неурбана култура, сè што еден просечен Апсурдистанец беше за својата држава и за нејзиниот феудален гоподар… ова… стратешки партнер, Метафизичката Унија, е — ништо со одложено дејство, или — нешто, кое, кај и да е, кога е да е, треба и мора да го снема!

Патем, во последен момент на луцидност и пркос — или можеби како контраиндикација на лекарствата за р’бет со одложено дејство —  Шљупков поднесе барање да се забрани двојната негација, за никој повеќе да не може ДА БИДЕ НИШТО во Апсурдистан. Барањето експресно беше одбиено од Метафизичката управа, а Шљупков беше осуден за лингвистички тероризам.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

Рајко Пеколски

Во бестрага

Ричард Н. Хас

Поуките и наследството од 7 октомври

Различни перспективи за типот на мултиполаризација

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ