„Во текот на вчерашниот ден официјално испратив иницијален мејл до бугарскиот копретседавач Ангел Димитров за утврдување на датум за претстојната средба. Датум се договара заеднички меѓу двајцата копретседатели за да се усогласат термините за одржување на средбата. Денеска добив повратен мејл во кој тие замолуваат дека им се потребни меѓусебни консултации за да се усогласи терминот“, изјави за МИА копретседавачот од македонскиот состав на Комисијата, Ванчо Ѓорѓиев.
Владата минатата недела го смени составот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, а на местото на Драги Ѓорѓиев, како копретседавач го именуваше Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет, како и Митко Панов, историчар од Институтот за национална историја; Александар Литовски (поранешен член кому претходната влада не му го продолжила договорот), Никола Минов, професор по историја на Филизофскиот факултет; Сашо Додевски, насловен доцент од Институтот за историја на Филозофскиот факултет; Бесник Емини, историчар од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје и Димитар Љоровски (и претходно беше член), историчар, вработен во Институтот за национална историја.
Комисијата беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, а досега усвои препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Наум Охридски, Климент Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во двете земји.