четврток, 5 декември 2024

Војаџер 1 е надвор од Сончевиот систем и испраќа мистериозни податоци

Објавено на

часот

Сподели

НАСА во средата соопшти дека иако сондата сè уште работи правилно, отчитувањата од нејзиниот систем за позиционирање (ААЦС) не се совпаѓаат со насоката и ориентацијата на вселенското летало, што укажува на тоа дека леталото е збунето околу својата локација во вселената.

Војаџер 1 преку системот ААЦС испраќа податоци за своето меѓуѕвездено опкружување додека ја држи антената на леталото насочена директно кон нашата планета, пишува Бизнис инсајдер.

„Оваа мистерија не е невообичаена во оваа фаза од мисијата Војаџер. Двете летала, Војаџер 1 и Војаџер 2, се стари речиси 45 години, што е далеку над нивниот проценет функционален век“, рече Сузан Дод, раководителка на проектите Војаџер 1 и 2 во институтот Лабораторија за млазен погон на НАСА.

НАСА вели дека Војаџер 2 се однесува нормално, односно дека ги испраќа очекуваните податоци.

Војаџер 1 го напушти нашиот Сончев систем и влезе во меѓуѕвездениот простор во 2012 година. Сега е оддалечен околу 23 милијарди километри од Земјата, односно се работи за вселенско летало што досега отишло во најоддалечените делови на универзумот.

НАСА вели дека инженерите претпоставуваат дека ААЦС-системот на Војаџер 1 испраќа случајно генерирани податоци што не „го одразуваат она што всушност се случува на вселенското летало“. Но интересно е што антената на самото летало сѐ уште е во правилната положба, односно дека ги прима и ги извршува наредбите на НАСА и ги испраќа податоците назад на Земјата.

Експертите рекоа и дека проблемот со системот не ја поттикнал сондата да се префрли на „безбеден режим“, при што би ги извршувала само клучните операции.

„Сè додека не разбереме што точно се случува, не можеме да предвидиме дали овој проблем ќе влијае на тоа колку долго леталото може да собира и пренесува научни податоци“, соопшти НАСА.

Дод и нејзиниот тим се надеваат дека наскоро ќе откријат зошто сондата почнала да испраќа толку чудни податоци.

„Тоа е голем предизвик за нашиот тим инженери“, рече Дод.

Имено, со оглед на растојанието на Војаџер 1, на светлината сега ѝ се потребни 20 часа и 33 минути за да стигне до неговата меѓуѕвездена локација, па на пораката од сондата ѝ се потребни два дена за да стигне до НАСА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ