Инцидентот се случил за време на снимање во Старата скопска чаршија на јавна површина, кога сопственик на берберница ги нападнал снимателот и две новинарки, Ера Ѓакова и Сара Хоџа. Снимателот бил полесно повреден.
„Според изјавите на нашите колеги, додека снимале инсерти во чаршијата за потребите на емисијата од еден од дуќаните излегол сопственикот, бербер со ножици и им се обратил со вербални навреди и закани по живот, при што на снимателот му нанел видливи повреди на главата“, појаснуваат од ЗНМ.
При физичкиот напад била оштетена и опремата на снимателот на телевизијата. Лицето по нападот се вратило во дуќанот, а потоа повторно излегло, по што се упатило во непознат правец.
„ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, велат од ЗНМ.