На трибината се најави обраќања на премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, на заменик претседателката на партијата Сања Лукаревска, претседателот на комисијата за енергетика на СДСМ, Митко Анреевски како и на Симон Шутиновски од МЕМО, Љупчо Кижевски од ЕСМ, Гоце Трпчевски од ЕСМ снабдување и Бајрам Реџепи од НОМАГАС.
Како што кажа вчера на прес конференција Лукаревска, на трибината ќе се зборува за решенијата и резултатите на СДСМ кои „навистина прават разлика“, за реализацијата на програмата и што тоа значи во однос на животот на граѓаните.
„Ќе зборуваме и во однос на позицијата и правецот по којшто се движи земјата и секако во однос на нашиот политички противник. Воедно, на овој начин ќе започнеме и процес на разговори за прибирање на идеи, предлози и сугестии за програмата со која СДСМ ќе настапи на изборите во 2024 година“, рече Лукаревска.