петок, 18 октомври 2024

Владо Илиевски се сели во Партизан?

Објавено на

часот

Сподели

Пред камбек во евролигашот од Белград: Владо Илиевски

Илиевски во моментов е член на турски Анадолу Ефес, но се наоѓа во крајно непријатна ситуација. Тој не настапи на последните два меча на тимот од Истанбул бидејќи беше прекуброен странец, а од вчера ситуацијата е подраматична, откако управата на Турција го ангажира Американецот Оливер Лафает, кој игра на негова позиција.

Во изјава за српскиот портал kosarka.rs, спортскиот директор на Партизан, Драган Тодориќ, изјави дека будно ја следат ситуацијата со Илиевски, но дека ќе стапат на сцена дури откако тој ја реши работата со својот сегашен клуб.
„Илиевски во моментов е член на Анадолу Ефес и во зависност од тоа како тој ќе го реши статусот во тимот, така и ние ќе реагираме. Во моментов тој едноставно не е слободен кошаркар“, вели Тодориќ.

Пред македонскиот кошаркар стои сериозна дилема, да остане во Ефес и да не игра или да пронајде нов клуб, кој би можел да му ја дава приближно истата плата како во Истанбул. Од извори блиски до играчот, кој вчера беше недостапен за изјава, дознаваме дека тој чека управата на Ефес да го направи првиот чекор околу евентуалниот прекин на соработката. Така, тој би имал подобра позиција во ценкањето околу раскинот на договорот.

Евентуалниот трансфер во Партизан за Илиевски би значело враќање во тимот каде што ја почна интернационалната кариера во 1998 година откако од матичниот Неметали огражден прво замина во САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ