Информацијата што ја доби МКД.мк ја потврди вишиот обвинител Цветановски кој во телефонски разговор ни кажа дека вчера донел решение со кое предметот го враќа на повторна работа во ОЈО ГОКК.
„Вчера испратив решение со кое на ОЈО ГОКК му се наложува да ја продолжи истрагата за предметот познат во јавноста како ‘Бонусите на СЈО’ со конкретни напатствија кои мерки треба да се преземат“, изјави Цветановски за МКД.мк.
Цветановски објаснува дека истрагата треба да продолжи, иако ВМРО-ДПМНЕ која како партија е подносител на кривичната пријава и не е странка во овој предмет, сепак, постојат сомнежи дека во случајот со доделувањето на бонуси на обвинителите и вработени во СЈО е оштетен државниот буџет.
Овој предмет беше причина за расколот помеѓу Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и шефот на Вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулаи.
Вчера Коцевски информираше дека покренал постапка за дисиплинска одговорност против Хајрулаи и против обвинителот што го водеше овој предмет, Јове Цветановски затоа што нестручно и несовесно одлучиле кривично да гонат одредени обвинети.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје“, соопшти вчера Коцевски.
Претходно тој го суспендираше Хајрулахи, откако група вработени го пријавија дека им се заканува, подолго време ги преместува на различни позиции и им се заканувал дека „ќе летаат од работа“. Истрагата за овие наводи се води во Јавното обвинителство Штип.
Со одлука на јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на Македонија денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Искра Опетческа