Пред четири дена Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство утврди дека поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители.
Според Русковска предлогот за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја отворила за Драги Рашковски кој беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев. Имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат ѝ било понудено да стане заменик републички јавен обвинител. На прашањето кој ова ѝ го понудил, Русковска не одговори.
Овие понуди биле поврзани и со предистрагата за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
„Тогашниот премиерот и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет. Кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев, за сведок-експерт, бидејќи таму се наведува дека сум сторила повреди на законот за кривична постапка, а Калајџиев кој бил дел од законот за кривична постапка, да каже дали јас навистина сум го сторила тоа дело. Но, не беше прифатен како сведок. А како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми“, вели Русковска.
Таа во интервјуто за Телма зборуваше и за вели и за индиректни притисоци врз сведоци. „Ако на обвинителката ова ѝ се случи, што ќе ни се случи нам? Вака реагирале сведоци кои требало да дадат исказ во предметот против поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми“, тврди обвинителката Вилма Русковска.
„Ова што мене ми се случи е обесхрабрувачко за сите обвинители. Секој еден обвинител со право ќе се запраша ако добие предмет во кој е пријавен трет братучед на функционер, дали да постапува или не“, вели Русковска.
Во врска со мобилните телефони на Муареми, кои биле побарани на претресот извршен по барање на Русковска, а за кои поранешниот директор на Финансиската полиција рекол дека ги изгубил, Русковска откри уште еден детаљ.
„Додека траеше претресот, бев во комуникација со истражителите. Кога дошле, тогашниот директор не бил на работа. Кога дошол тој и му ги покажале наредбите за претрес, ѝ кажал на секретарката да му ѕвони на републичкиот обвинител, секретарката го немала, му се јавиле на Гаврил Бубевски. Значи, прв со кого исконтактирал е републичкиот јавен обвинител. Ова е според истражителите. Доколку не е точно, однапред се извинувам да не се најдам пред судови, но така ми кажаа истражителите“, рече Русковска.
Таа потсети и на отворени предистраги за кои веќе имало набавено многу докази. Една од нив е за станицата за технички преглед „Виа комерц“ за автобусот на „Беса Транс“, во кој во сообраќајна несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани. Според Русковска, комисијата во МВР уште во јули донела решение станицата за технички преглед „Виа комерц“ да биде затворена, но министерот Оливер Спасовски не го потпишал тоа решение.
„Решението требаше да го потпише министерот, но тој го потпишал три дена после случувањето на сообраќајната несреќа, а законска обврска е да се потпише во рок од 15 дена. Потпишано беше по повеќе од 3 месеци од донесеното решение“, рече Русоковска и додаде дека овој предмет бил во поодмината фаза со насобрани докази, но не можела да го доврши.
Русковска потсети дека и обвинителката Фатиме Фетаи го полагала правосудниот испит предвреме, а тоа ѝ било дозволено од тогашниот министер за правда на ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски.
Според Русковска, образложението за доделувањето на ваквата привилегија на Фетаи било дека таа се покажала како исклучително добар студент.
„Ѝ беше дозволено со само една година стаж по завршување на факултетот да полага правосуден испит предвреме. Тоа не беше тајна, сите знаевме во тоа време. Таа имаше завршено Правен факултет, и наместо две години стаж во правосудство, по една година, од страна на тогашниот министер полагаше правосуден. Образложението беше како многу добар, исклучиво добар студент. Затоа никој не го сфати тоа како погрешно“, рече Русковска и се согласи дека ваквите непочитување на процедурите, како и во случајот со Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, се штетни.