Премиерот Риши Сунак потврди дека владата ги прифатила препораките на телото за ревизија на платите, така што платите на полицајците ќе бидат зголемени за седум отсто, на наставниците за 6,5 отсто, а на младите лекари за шест отсто, пренесува АП.
Сунак рече дека оваа понуда, која нема да се финансира од ново задолжување, е конечна и дека нема да има понатамошна расправа за ова прашање.
„Нема да преговараме повторно и ниту еден штрајк нема да ја смени нашата одлука“, рече Сунак.
Тој додаде дека водачите на синдикатите за образование се согласиле да го прекинат штрајкот, но прашање е како ќе реагираат другите синдикати на ултиматумот.
Младите лекари кои утринава започнаа штрајк стоејќи во редици пред болниците, побараа зголемување на платите за 35 отсто за да се вратат на нивото од 2008 година кога се зема во предвид инфлацијата.
Велика Британија, како и многу други земји, се бори со инфлацијата за прв пат по неколку години. Цените прво скокнаа поради прекините во синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата на коронавирусот и последователната агресија на Русија против Украина, што доведе до вртоглаво зголемување на цените на енергијата и храната.
Иако инфлацијата е благо намалена во однос на максималната и изнесува 8,7 отсто, таа е далеку повисока од два отсто, што е целта поставена од Банката на Англија.