вторник, 28 јануари 2025

Трамп нема да ѝ воведе санкции на Колумбија, Богота дозволи слетување на авиони со мигранти

Соединетите Американски Држави нема да ѝ воведат санкции и царини на Колумбија, откако јужноамериканската земја се согласи да ги прифати мигрантите депортирани од САД, соопшти Белата куќа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп порача вчера дека ќе воведе вонредни царини против Колумбија и ќе ги санкционира нејзините функционери откако колумбискиот претседател Густаво Петро одби да дозволи американските авиони кои ги превезуваат депортираните нелегални емигранти да слетаат во земјата.

Лидерот на Колумбија ја промени одлуката, авионите слетаа, па нема да има санкции од Вашингтон.

„Тукушто сум известен дека два лета за репатријација од Соединетите Држави, со голем број нелегални криминалци, не смееле да слетаат во Колумбија“, напиша вчера Трамп на својата мрежа Трут, додавајќи дека ѝ наложил на својата администрација да преземе „итни и решителни мерки за одмазда“.

Трамп додаде дека ќе воведе царини од 25 отсто на целата колумбиска стока која влегува во САД. САД се најголемиот трговски партнер на Колумбија, со околу 12 милијарди долари вредна колумбиска стока која влегува во САД секоја година.

Наведе дека на сите претставници на колумбиската влада, заедно со „нивните сојузници и поддржувачи“, ќе им бидат укинати визите и дека ќе бидат подложни на забрана за патување, додека визи ќе бидат потребни за сите членови на владејачката левичарска партија Човечка Колумбија и нивните семејства.

Колумбиските туристи во САД ќе бидат подложени на засилени инспекции на царинските службеници, продолжи Трамп, додавајќи дека на Богота ќе ѝ бидат воведени финансиски санкции.

„Овие мерки се само почеток. Нема да ѝ дозволиме на колумбиската влада да ги прекрши своите обврски со прифаќањето и враќањето на криминалците кои ги испратиле во Соединетите Држави“, порача американскиот претседател.

Претходно вчера, Петро кажа дека нема да дозволи какви било летови за депортации да слетаат во Колумбија додека САД не гарантираат „достоинствен третман“ на депортираните мигранти. Петро не објасни што подразбира под „достоинствен третман“.

Агенти на американската имиграциска и царинска служба (ИЦЕ) спроведуваат секојдневни рации низ САД откако Трамп ја презема должноста во понеделникот. Досега се приведени 421 мигрант. Рации се спроведуваат во Бостон, Њујорк, Њуарк и Сан Франциско, а агентите се фокусираат на апсење на мигрантите кои извршиле кривични дела откако нелегално влегле во САД.

Неименуван извор од белата куќа кажа за Ројтерс дека Трамп ја користи Колумбија како пример да му покаже на светот што ќе се случи со земјите кои ќе одбијат да ги примат емигрантите депортирани од САД.

Според Ројтерс, изворот кажал дека „САД едноставно ги враќаат криминалците кои Колумбија ги испратила во Соединетите Американски Држави“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ