Првата рунда преговори се одржува во министерството за надворешни работи на Хрватска во Загреб, објави Вијести повикувајќи се на неофицијални информации од владата на Црна Гора.
Дека државните секретари на 27 јануари ќе ги почнат преговорите најави шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман, кој кон средината на месецот ја посети Црна Гора.
Тој тогаш повтори дека официјален Загреб смета дека школскиот брод Јадран ѝ припаѓа на Хрватска, дека копнената граница на Превлака е неспорна, а дека границата на море ќе се решава билатерално.
Државните секретари би требало да разговараат и за отштета за логорашите, сукцесијата на воениот имот и други отворени прашања.
Консултациите се организираат во момент на затегнати односи, откако Загреб минатата година го блокираше затворањето на поглавјето 31 во преговорите на Подгорица со Европската Унија, а на сето тоа му претходеше усвојувањето на Резолуцијата за Јасеновац во црногорското собрание во јули.