Данскиот министер за одбрана призна дека нордиската држава не направила доволно за да ја заштити својата автономна територија Гренланд, но најави планови за вложување 1,5 милијарди долари во два нови инспекциски брода, две беспилотни летала и две кучешки запреги откако Трамп повторно изрази интерес за островот.
„Верувам дека ќе го добиеме Гренланд бидејќи тоа е поврзано со слободата на светот. Тоа нема врска со Соединетите Држави, освен што сме ние тие кои ќе ја обезбедат таа слобода. Тие (Данска) не можат. Пред две недели испратија две кучешки запреги и мислат дека тоа е заштита“, им кажа Трамп на новинарите во претседателскиот авион Ер форс уан.
Трамп минатата недела одржа 45-минутен телефонски разговор со данската премиерка Мете Фредериксен, кој сегашни и поранешни високи европски функционери го опишаа како напнат и конфронтациски.
Функционерите кажале дека данската влада била во „кризен режим“ откако Трамп одби да ја исклучи можноста за воена акција за преземање на територијата од сојузникот од НАТО и се закани со воведување казнени царини против Данска. САД веќе има голема воена база на Гренланд, на северот на островот.
Данското воено присуство на Гренланд во моментов е ограничено на Арктичката команда со само 75 луѓе и опрема која вклучува четири брода, надзорен авион и неколку патролни кучешки запреги. И данските и гренландските власти изјави дека САД може да го засилат своето воено присуство на островот, а повремено се водат расправи за изградба на други бази или испраќање дополнителен персонал.