четврток, 5 декември 2024
Њујорк тајмс

Топлински рекорди низ целиот свет, Земјата се загрева, брзо

Објавено на

часот

Сподели

Изминатите три дена беа сосема веројатно најжешките во модерната историја на Земјата, рекоа денеска научниците, додека неверојатниот бран топлина низ светот продолжи да ги урива температурните рекорди од Северна Америка до Антарктикот, пишува Њујорк тајмс.

Затоплувањето доаѓа додека синоптичарите предупредуваат дека Земјата би можела да навлезе во повеќегодишен период на исклучителна топлина поттикната од два главни фактори: континуираните емисии на гасови што ја заробуваат топлината, главно предизвикани од тоа што луѓето согоруваат нафта, гас и јаглен; и враќањето на Ел Нињо, циклична временска шема.

Планетата штотуку го доживеа најтоплиот јуни забележан досега, велат истражувачите, а смртоносни топлински бранови ги зафатија Тексас, Мексико и Индија. Во близина на бреговите на Антарктикот, нивото на морскиот мраз оваа година падна рекордно ниско.

А во Северен Атлантик, океанот е вонредно врел. Површинските температури во мај беа 1,6 Целзиусови степени, потопло од типичното за овој период од годината, соборувајќи ги претходните рекорди со невообичаено голема разлика.

Остриот скок на температурите ги вознемири дури и оние научници што ги следеа климатските промени.

„Толку е над просекот она што е забележано што е тешко да се сфати“, вели Брајан Мекнолди, постар научник за истражување на Универзитетот во Мајами. „Тоа не изгледа реално“.

Во вторникот, глобалните просечни температури се искачија на 17 Целзиусови степени, што го прави најтоплиот ден што го доживеала Земјата од најмалку 1940 година, кога почнало да се мери, а многу веројатно и пред тоа, според анализата на Службата за климатски промени Коперникус на Европската Унија.

Бидејќи тоа беше просекот, делови од Земјината топка посилно ја почувствуваа таа дополнителна топлина. На пример, во јужниот дел на Соединетите Американски Држави и Северно Мексико, каде што индексот на топлина достигна трицифрен број, климатските промени го направија тековниот топлински бран за околу 2,7 Целзиусови степени потопол отколку што би бил инаку, според научниците од Националната лабораторија Лоренс Беркли во Калифорнија.

Целокупното затоплување на планетата е „во доменот на она што научниците го предвидуваа дека ќе се случи“ бидејќи луѓето продолжуваат да пумпаат огромни количества стакленички гасови што ја заробуваат топлината во атмосферата, рече Зеке Хаусфатер, научник за климата од Беркли.

Во целина, Земјата се загреа приближно за 1,1 Целзиусов степен од 19 век и ќе продолжи да станува потопла додека луѓето суштински не ги запрат сите емисии од фосилните горива и не го запрат уништувањето на шумите.

Но други фактори наталожени на врвот на затоплувањето предизвикано од човекот можеби помогнале температурите драматично да се забрзаат во последните месеци. На пример, цикличниот феномен во Тихи Океан познат како Ел Нињо-Јужна осцилација предизвикува флуктуации од година во година со префрлање на топлината во и надвор од подлабоките слоеви на океанот. Глобалните температури на површината имаат тенденција да бидат пониски за време на годините на Ла Ниња и повисоки за време на годините на Ел Нињо.

„Една голема причина поради која се уриваат толку многу рекорди е тоа дека преминуваме од невообичаено долгата тригодишна Ла Ниња, која ги потиснува температурите, и преминуваме во силен Ел Нињо“, рече д-р Хаусфатер.

Тоа веројатно значи дека доаѓа уште поголема топлина. Сегашниот Ел Нињо штотуку почнува и многу истражувачи не очекуваат да го достигне врвот до декември или јануари, при што глобалните температури ќе забележат нов пораст во месеците потоа. Тоа значи дека следната година би можела да биде уште потопла од оваа година, велат научниците.

Причинител може да биде и една друга динамика. Северниот Атлантик забележа рекордна топлина од почетокот на март, пред да почнат условите за Ел Нињо. Еден фактор може да биде суптропскиот систем со висок притисок познат како Азорски антициклон, кој ги ослабнал ветровите што дуваат над океанот и го ограничил количеството на прашината што дува од Сахара, што вообичаено помага океанот да се олади.

Тие временски шеми би можеле да се променат во следните недели, рече д-р Мекнолди од Универзитетот во Мајами. „Но дури и тогаш веројатно од лудо рекордни температури ќе се спуштиме на само екстремно рекордни“, рече тој.

Други истражувачи сугерираат дека неодамнешното чистење на сулфурното загадување од бродовите низ светот може малку да ги покачило температурите, бидејќи сулфур диоксидот има тенденција да ја рефлектира сончевата светлина и по малку да ја лади планетата. Сепак, за тоа прецизно влијание сè уште се дебатира.

„Се чини дека во моментов постои оваа необична конвергенција на загревачки фактори“, вели Габриел Веки, климатски научник во Принстон. „Но сето ова се случува во свет во кој во изминатите 150 години ги зголемуваме стакленичките гасови, а тоа прави да е многу поверојатно дека ќе бидеме турнати во соборување рекорди“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ