Распуштањето на парламентот, кое можеше да биде првиот чекор кон предвремени избори на кои анкетите предвидуваат пораз на премиерот Бенјамин Нетанјаху, беше отфрлено со 61 глас „против“ и 53 „за“.
Кнесетот се состои од 120 места, а за да помине гласањето беше потребно мнозинство од 61 пратеник.
На тој начин, на владејачката коалиција на Нетанјаху ѝ е дадено дополнително време да ја реши најлошата политичка криза досега и да избегне избори, кои би биле први во земјата откако започна војната против Хамас во Газа.
Нетанјаху вложува големи напори за решавање на спорот во својата коалиција околу новиот закон за регрутирање, што доведе до сегашната криза.
„Со задоволство објавувам дека по долги дискусии постигнавме договор за принципите врз кои ќе се базира законот“, изјави во соопштението шефот на парламентарниот комитет за надворешна политика и одбрана, Јули Еделштајн.
Некои религиозни партии во коалицијата на Нетанјаху бараат ултраортодоксните Евреи да бидат ослободени од воена служба, која е задолжителна во Израел, додека други пратеници сакаат таквите ослободувања целосно да се укинат.
Ослободувањата се жешка тема во Израел со години, но станаа особено спорни за време на војната во Газа, каде што Израел ги претрпе најтешките загуби на бојното поле во последните децении, а на неговата војска ѝ се потребни повеќе војници.
Ултраортодоксните членови на коалицијата, сè повеќе се фрустрирани од политичкиот застој, рекоа дека ќе им се придружат на опозициските партии во гласањето за распуштање на Кнесетот и распишување избори кои се предвидени кон крајот на 2026 година.
„Никогаш немало поголема итност за замена на владата на Нетанјаху, а особено на оваа токсична и штетна влада“, рече опозициската пратеничка од Лабуристичката партија Мерав Михаели.
„Итно е да се стави крај на војната во Газа и да се вратат сите заложници. Итно е да се започне со обнова и заздравување на државата Израел“, додаде таа.
Неколку анкети предвидуваа дека коалицијата на Нетанјаху ќе изгуби на изборите, при што Израелците сè уште се лути поради безбедносните пропусти што ѝ дозволија на палестинската милитантна група Хамас да нападне на 7 октомври 2023 година и заложниците што таа продолжува да ги држи во Газа.
Во ненадејниот напад загинаа 1.200 луѓе, а уште 251 беа киднапирани.
Во израелската офанзива против Хамас во Газа оттогаш загинаа речиси 55.000 Палестинци, според здравствените власти во крајбрежната енклава, која е во голема мера уништена, а нејзините повеќе од два милиони жители во голема мера се раселени и страдаат од хуманитарна криза.
Дваесет месеци по почетокот на конфликтот, јавната поддршка за војната во Газа опадна. Повеќе од 400 израелски војници се убиени во борбите во Газа, поттикнувајќи гнев кај многу Израелци поради ултраортодоксните барања за исклучоци.
Но, ултраортодоксните религиозни водачи сметаат дека посветеноста на проучувањето на религијата е неповредлива, а воената служба е закана за строгиот религиозен живот на студентите.