Војската во понеделник вечерта на Телеграм соопшти дека погодила „команден и контролен центар лоциран во болницата Насер во Кан Јунис“, на јужната палестинска територија.
„Високи функционери на Хамас продолжуваат да ја користат болницата за терористички активности, цинично и брутално експлоатирајќи го цивилното население во и околу болницата“, додаде армијата.
Засега нема информации за евентуални жртви.
Нападот доаѓа откако беше забележан прекин на бомбардирањето во понеделникот откако Хамас го ослободи Едан Александар.
Единствениот жив заложник со американско државјанство држен во Газа беше киднапиран додека служел во воена база во јужен Израел за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, на израелска страна загинаа 1.218 лица, претежно цивили, според Франс прес.
Во израелската офанзива загинаа 52.862 лица во Појасот Газа, главно цивили, според бројките објавени во неделата од Министерството за здравство на Хамас, кои ОН ги сметаат за веродостојни.