петок, 18 октомври 2024

Стефанов потпиша за грчки Илисијакос

Објавено на

часот

Сподели

По втор пат ќе настапува во грчкото првенство: Ристе Стефанов

Договорот на кавадарчанецот со, во моментов, десеттопласираниот тим на табелата во грчката ЕСАКЕ-лига е со важност до крајот на сезоната со можност тој да биде продолжен и за следниот шампионат.

„Задоволен сум од условите што ми ги понудија луѓето од Илисијакос. Веќе сум во Атина и очекувам утре да дебитирам на мечот што како гости го играме против Кавала.“, ни изјави Стефанов.

Со потписот за Илисијакос заврши и сагата на Стефанов со неговиот досегашен тим МЗТ од каде што си заминува само неколку месеци откако беше доведен како големо засилување. Непосредно по завршувањето на првиот дел од кошаркарската сезона кавадарчанецот беше суспендиран од управата на „металците“ официјално поради неизвршување на обврските, а неофицијално поради несакање да си замине од „Јане Сандански“. Понудата на Илисијакос дојде во вистинско време да ги задоволи желбите и на Стефанов и на МЗТ.

„Со МЗТ, сепак, на крајот пријателски се разделивме. Ги решивме сите несогласувања и без поголеми замерки ја прекинавме соработката“, дополнува Стефанов во разговорот за МКД.МК.

Репрезентативниот бек во сино-белиот дрес одигра само 11 натпревари со просек од 8,9 поени, 2,7 скока и 1,1 асистенција. Стефанов кариерата ја почна во Тиквеш (сегашен Фени), а меѓу другите има играно и за екипите на Работнички и Балкан Стил како и за словенечка Унион Олимпија, бугарски Лукоил Академик и италијански Сан Северо. Илисијакос ќе биде негова втора епизода во грчкото првенство откако во 2009 година мина извесен период во дресот на атински АЕК.

И.К.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ