четврток, 21 ноември 2024

Станислава Лазаревска: Не се знае кој колку и зошто прска пестициди

Фитофармацијата е една од првите регулирани и европски хармонизирани области, но само на хартија. Професорката од Земјоделскиот факултет во Скопје, Станислава Лазаревска, вели дека кај нас секој може да прска што и колку сака и притоа да ја доведе во прашање безбедноста на храната, оти законот не се спроведува. Правилата предвидуваат секој што сака да работи или користи пестициди, да мора на секои пет години да полага испит. Тоа засега никој не го почитува. Со неа разговаравме за тоа што се пестициди, какви сè видови има, кои се опасностте што нè демнат и како може да се изложиме на ризик, но и за тоа кои се најмногу изложени на тоа и каде може да погрешиме, доколку не сме информирани.

Објавено на

часот

Сподели

Што се пестициди, што се инсектициди и зошто му се потребни на човекот?

-Многу често се мешаат зборовите пестициди, хербициди, инсектициди. Тие се со едно име- пестициди. Името пестицид доаѓа од именката pest што значи штетник и cedere глаголот што значи убива. Овие се хемиски соединенија што се користат за сузбивање на биолошки штетни организми во земјоделството, во шумарството, во комуналната хигиена, во медицината и во ветерината. Тие се применуваат со намена за штетници кои што човекот ги дефинирал како проблем. Ако гледате од биолошки аспект, не постои штетен вид во природата, секој има своја улога и е врзан во тој ланец на исхрана и е некој, некому база за живот. Меѓутоа, човекот како најмоќен, како најинтелигентен на планетата, си дозволува антропоморфно да дефинира некои видови како штетници.

Зошто се применуваат?

-Се применуваат во моменти кога ќе процениме дека одреден организам кој што сме го прогласиле како штетник, е присутен на нашите простори, во нашата околина, на животните кои ги одгледуваме, на културите што ги одгледуваме, сакајќи да ги заштитиме мораме да третираме на некаков начин.

Дали прскањето се пестициди е единствениот начин за заштита?

-Некогаш не е тоа единствениот начин за заштита. Може и други методи да се применат, меѓутоа, најбрз, најефикасен начин се пестицидите.

Кои се опасни пестициди за човекот?

-Во зооцидите кои што се сметаат за потоксични за луѓето и за домашните животни тука спаѓаат инсектициди кои се наменети за сузбивање на инсекти, акарициди за сузбивање на пајаци, лимациди за сузбивање на полжави, корвифуги за контрола за одбивање на птици, родентициди за сузбивање на глодари.

Генерално, зооцидите се поопасни за човекот отколку фитоцидите, бидејќи ние сме во основа со животинска клетка. Најголем дел, може 80% од сите пестициди се користат во земјоделството. Притоа проценките се дека некои 40% се хербициди, 17% инсектициди, а некаде 10% се само фунгициди. Тоа не е конечна распределба, зависи од државата, дали се земјите во развој. Секако дека подеднакво се користат и во земјите во развој и во земјите кои што се доста добро развиени, со тоа што развиените земји немаат проблем со храна и многу често можат да ги подигнуваат стандардите за безбедност на храна, строго регулирајќи ја материјата со пестицидите.

Треба ли да нè плаши употребата на пестициди?

-Па тоа е како одење по жица. И доброто и лошото е дел од едно цело. Доброто, зошто се користат, затоа што сакаме да ги заштитиме растенијата, животните, самите себе да се заштитиме од некои штетни организми. И мора да ги третираме некогаш сите овие организми. А од друга страна, дали може да предизвикаат проблеми – ДА, бидејќи пестицидите се отрови. Основа на тоа е дека предизвикуваат смрт на живи организми. Затоа и рековме, хемиски соединенија кои предизвикуваат сузбивање на штетници, но под услов да се штетни. Тие никако не се применуваат доброволно. Може да предизвикаат акутни труења, може да предизвикаат пасивно, хронични труења кај луѓето.

Кој е изложен на најголема опасност од пестицидите?

-Сите се подеднакво изложени на опасност од пестицидите! Тие што ги произведуваат, тие што ги аплицираат се најмногу загрозени, ама и целата популација што конзумира храна може да биде загрозена од пестициди. Пестицидите се хемиски соединенија коишто се најдобро регулирани на пазарот. Меѓутоа, неправилната, честата примена, може да предизвика промени кои што преку храна, да доведат до небезбедна храна и понатаму да предизвикаат хронични промени кај луѓето. Делуваат на нервниот систем, на респираторен систем, на ендокриниот систем, тие се докажани како штетни хемикалии. Меѓутоа, ако ги применуваме правилно, по препораки, тогаш секако дека овие пестициди нема да предизвикуваат проблеми кај човекот, кај домашните животни, нема да ја загадуваат животната средина, што е многу важно.

Која е групата на опасни пестициди кои што се во промет во нашата држава?

-Ова прашање бидејќи нѐ засега сите, ќе почнам од почеток. Пестицидите се отрови, ама се многу добро регулирани. Скоро да не постојат такви хемикалии што намерно се применуваат, а се под толку строга контрола и законска, под инспекција како се применуваат и под едукација за луѓето што ја применуваат. Постои Закон за фитофармација кој што е усогласен со последните европски регулативи. Оваа област, заштита на растенија или фитосанитарен систем, меѓу првите почна со хармонизација на европското право. Актот за Стабилизација и асоцијација почна 2001-2004, 2005 година е донесен Законот за здравје на растенија, 2007 година е донесен хармонизиран закон за заштита на растенија, односно за пестициди. Сега, во 2020 година таа проблематика е повторно редефинирана со најновите регулативи, за да можеме да се заштитиме како луѓе, сѐ што одгледуваме и средината во која што живееме. Имаме одлични закони, меѓутоа како и кај поголем број други закони имаме тешка имплелемнтација бидејќи имплементирање на овие закони ќе значи и големи промени што треба да бидат внесени во работата на луѓето кои што ги користат овие пестициди.

Какви конкретно промени се предвидени?

-Новиот закон предвидува секој што користи пестицид, оди во земјоделска аптека и си купува пестицид, дали инсектицид, фунгицид, што и да е, мора да има лиценца за фитофармација. Тоа значи дека има едукација од таа област и дека полагал, дека е добро запознаен, го положил тестот за фитофармација и врз основа на тоа добил лиценца која што важи пет години. После пет години повторно мора да го апдејтира своето знаење и да продолжи понатаму да ги применува новите сознанија.

Кога и како настануваат најголемите грешки?

-Најголемите грешки настануваат од незнаење, а не од знаење. Не зборуваме за нешто што ќе се случи намерно, зборуваме дека луѓето што ги користат пестицидите, ги користат затоа што мораат да решат некој друг проблем, а притоа не се свесни какви последици ќе остават врз животната средина, дури и на самите себе што може да си направат. Затоа, Законот превидува секој што ги применува пестицидите, што е советник или дистрибутер во оваа област, да има поголеми познавања. Тоа значи дека луѓе кои немаат лиценца за фитофармација, нема да може да купат пестициди. Сегашната пракса е дека секој може и сѐ да си купи. Од таму произлегуваат големи опасности. Ние не знаеме кој прска, колку прска, во што прска, бидејќи пестицидите, реков, се применуваат строго наменски за одреден проблем кој што постои во моментот и кој што треба да се надмине. Ако вие почесто третирате, тогаш значи вие ја зголемувате количината на пестицидот во самиот производ, во самата култура која што ја заштитувате. Или може да користите несоодветни материи кои што не се дозволени за одредена култура и се смета за небезбеден производ. Може да не го почитувате времето од последна апликација до берба кое што ние го викаме каренца, сите добро го знаат тоа. Тоа е период што треба да помине од последна апликација до берба на културата, во кој што период се смета дека одреден пестицид ќе се разгради на не токсични компоненти.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ