петок, 18 октомври 2024

Што го чека Косово по казнените мерки на ЕУ?

Објавено на

часот

Сподели

Косово се носи со казнените мерки кои ЕУ му ги воведе поради, како што беше соопштено, непочитувањето на барањата за деескалација на северот на земјата.

На ова подрачје населено главно со Срби тензиите се високи од крајот на мај, кога албанските претседатели на општини влегоа во канцелариите и покрај отпорот на локалното српско население по вонредните избори, на кои правото на глас го искористија едвај нешто повеќе од три отсто од гласачите.

Нивните протести ескалираа во насилни судири, со десетици повредени – вклучувајќи војници од мисијата на НАТО, Кфор.

И покрај повиците на меѓународната заедница Косово да ги отповика албанските градоначалници и дека се организираат нови избори, сè уште нема чекори во таа насока.

Како одговор, ЕУ привремено ја суспендираше работата на сите работни групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, што е првиот чекор кон членство на Косово во блокот, како и повиците за учество на Косово на состаноците на високо ниво.

ЕУ исто така го суспендира програмирањето на средства за Косово, вклучувајќи ги тие од ИПА (Инструменти за претпристапна употреба на ЕУ) и инвестициската рамка за Западен Балкан.

Што сè е доведено во прашање?

Демуш Шаша од Косовскиот институт за европска политика за Радио слободна Европа кажа дека мерките на ЕУ може постепено да се засилуваат, доколку косовската влада не го смени ставот.

„Денес имаме мерки со кои се суспендираат средства, а не се укинуваат. Следниот чекор ќе биде укинување на средствата“, вели Шаша.

„Бидејќи косовската економија е во развој, економија која сè уште е кревка во многу аспекти, мислам дека тие (казнените мерки) многу ќе му наштетат на Косово“, вели Емруш Ујкани, извршниот директор на Советот на европски инвеститори на Косово.

Косово од 2007 година почна да ги користи средствата од ИПА фондовите, чија цел е помош во спроведување на реформите во земјите кои се во процес на придружување кон Унијата. Од тогаш до 2022 година Приштина вкупно добила 1,21 милијарда евра.

Косово од 2009 го поддржува и инвестициската рамка за Западен Балкан. Тоа е заедничка иницијатива на ЕУ, финансиските институции и донаторите, формирана со цел општествено-економски развој и европската перспектива на државите од Западен Балкан.

Во документот на овој механизам се наведува дека на Косово од септември 2021 година се поддржани 30 проекти во вредност од 1,8 милијарди евра. Проектите опфаќаат изградба на патишта, санација на железницата, системот за централно греење и унапредување на канализацискиот систем.

Како владата ги коментираше казнените мерки?

Косовскиот премиер Аљбин Курти, кој инсистира на ставот дека „не може да прави компромиси со уставноста на земјата“, како објаснување за непопустливоста во однос на барањата на ЕУ, кажа дека казнените мерки преземени од Брисел се „неправедни“. Тој изрази надеж дека ќе бидат краткорочни, бидејќи, како што кажа, „Косово е земја на која ѝ е потребна поддршка во развојот“.

„Точно е дека тоа се привремени мерки, но не се праведни, бидејќи Косово и неговата влада и држава се најдемократска, проевропска и најпрогресивна извршна власт“, изјави Курти викендов.

До каде е Косово со евроинтеграциите?

Косово поднесе барање за членство во ЕУ кон крајот на 2022 година. Во споредба со другите земји од Западниот Балкан, Приштина е последна на патот кон ЕУ. Со блокот досега е потпишан само еден договор, а тоа е Договорот за стабилизација и асоцијација.

Блерта Делиу, членката на Комисијата за европски интеграции во косовското собрание, потврдува за Радио слободна Европа дека два состаноци, планирани да се одржат во Брисел, веќе се откажани.

Според неа, станува збор за пододборот ЕУ-Косово за правосудството, слободата и безбедноста, како и на пододборот за трговија, индустрија, царини и даноци.

„Неучеството на Косово на ваквите форуми не придонесува на нашата агенда за јакнење на механизмите кои Косово го приближуваат кон Европската Унија. Напротив, тоа го поткопува зајакнувањето на Косово, на неговиот евроатлантски и западен пат“, вели Делиу, која доаѓа од редовите на опозицијата.

Ако не се најде заеднички јазик, вели Шаша, ЕУ може да преземе уште порепресивни мерки.

„Што може да се направи? Може да дојде до суспензија на одредени делови на Договорот за стабилизација и асоцијација. На пример, може да се сопре влезот на косовските производи кои имаат право да влезат во ЕУ без каква било царина, благодарение на Договорот, како дрво, метал, текстилни производи…“, вели Шаша.

Тој додава дека секој репресивна мерка на ЕУ против Косово му штети на меѓународниот кредибилитет на земјата.

Планот на ЕУ за деескалација на ситуацијата на северот на земјата опфаќа: повлекување на специјалните единици на косовската полиција од северот, излегување на градоначалниците од општинските објекти – кои ги користат и паралелните структури на Србија кои функционираат во тој дел на Косово – на алтернативни локации, распишување вонредни избори на северот и почнување судска постапка против демонстрантите кои ги нападнаа трупите на НАТО.

Поради игнорирањето на барањата за смирување на тензиите, САД исто така преземаа казнени мерки против Косово, вклучително и исфрлајќи го од големата НАТО вежба „Бранител на Европа 2023“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ