„Германскиот канцелар ја осуди руската агресија на Украина и побара од претседателот Путин прекин на нападите и повлекување на единиците“, се наведува во соопштението за телефонскиот разговор на Олаф Шолц и Путин.
Понатаму се наведува дека Шолц во разговорот инсистирал на тоа Русија да покаже спремност за преговори со Украина „со цел праведен и траен мир“.
Шолц истовремено ја истакнал и спремноста на Германија за помош на Киев „колку и да биде потребно“.
На крајот на соопштението се наведува дека германскиот канцелар пред разговорот со Путин разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека тоа ќе го направи и по разговорот со рускиот претседател. Шолц за разговорот ги известил партнерите од ЕУ и НАТО.
Шолц и Путин, како што се додава, ќе останат во контакт.
Кремљ, од своја страна, објави дека рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Олаф Шолц денес имале „искрен разговор“, „на иницијатива на Берлин“, за конфликтот во Украина. „Извршена е детална и искрена размена на мислења за ситуацијата во Украина“, соопшти Кремљ по разговорот на двајцата лидери.