На јавниот повик за помош во справувањето со тешката состојба, што Општина Кочани го упати до институциите и општествено одговорни компании во државата, позитивен одговор е добиен од американско-турската компанија.
„Градежните машини работат на чистење на депонијата и порамнување на површината, а потоа ќе биде нанесен слој од земја и на овој дел веќе нема да се исфрла отпад. За да се спречи горењето на органските и други материи, депонирањето ќе се прави само на круната, а околу целата депонија ќе се исчисти теренот од вегетација и отпад заради подобар пристап и поголема прегледност, а истовремено ќе се спречи опасноста од проширување на огнот при евентуални пожари“, истакна Ристо Николовски, овластен комунален инспектор во Општина Кочани.
Од комуналното претпријатие „Водовод“, кое стопанисува со депонијата, упатија благодарност до американско-турскиот конзорциум, кој целата акција за расчистување и уредување ја изведува без надоместок. Вработени во претпријатието се распоредени на дежурства на влезот на депонијата заради контролирање на состојбата и спречување неовластени лица да влегуваат и да го палат отпадот.