сабота, 16 ноември 2024

СДСМ сака редовни и одвоени, опозицијата не попушта, бара споени избори

Ставот на СДСМ за редовни и одвоени избори е принципиелен, соодветно е да имаме полн мандат на Владата и полн мандат на Претседателот, а за термините може да се разговара, рече вечерва во интервју потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи. Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник пак изјави дека најдобро е претседателските и парламентарните избори да се спојат бидејќи во услови кога економијата е девастирана најмалку што треба е Македонија да троши од 8 до 10 милиони евра за одржување на изборите. А премиерот Димитар Ковачевски попладнево од собраниската говорница истакна дека избори во земјава распишува претседателот на Собранието според рокови определени со закон и мандат на избраните функционери.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашиот став е одвоени избори, но спремни сме да разговараме за термините во работни групи. Отворени сме за разговори. Има доволно време, ние сме спремни и не калкулираме, ниту држиме прес конференции со пишани датуми. Несвојствено е да се има кампања за време на верски празници, на пример, сега тоа треба да го имаме предвид. Мултикултурализмот во нашата земја носи и различни моменти“, рече Битиќи во Само интервју на Канал 5 телевизија..

СДСМ, како што посочи, не зборува за сценариото за уставна криза, туку опозицијата го наметнува во јавноста веројатно размислувајќи или правејќи сценарио претседателските избори бидат неуспешни.

„Ако една политичка партија повика на бојкот тоа е реалноста, во спротивно нема зошто да бидат неуспешни изборите. Можеби тоа е едно сценарио кое се развива во одредени политички кулоари, но не во СДСМ. Затоа што ние сме докажале дека се грижиме и за државата и интересот на државата, а политичката битка е политичка и ние сме подготвени“, рече Битиќи.

Битиќи верува дека општеството е доволно развиено да не креира ситуации во коишто нема да биде избран претседател.

„Но, не е битно некој од каде доаѓа, битно е кој е човекот којшто ќе биде на позицијата којашто евентуално ќе ја преземе“, потенцираше Битиќи.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во вечерашното гостување на телевизија Алфа вели дека најдобро е претседателските и парламентарните избори да се спојат бидејќи во услови кога економијата е девастирана најмалку што треба е Македонија да троши од 8 до 10 милиони евра за одржување на изборите.

„Очајот нема граница и очигледно овде сме во ситуација каде што очајот на СДСМ и ДУИ го гледаме на сцена. Избори во Македонија ќе се случат тоа е законска и уставна обврска. Логично е, рационално е Македонија два пати да не троши пари за избори затоа што во една ваква девастирана економија последно што треба да прави Македонија е два пати да троши од 8 до 10 милиони евра со опасност да треба и три пати да троши бидејќи можно е претседателските избори да не се успешни затоа што треба консензус во вториот круг од 40 проценти излезеност,“ рече Николоски.

Според Николоски ако се гледа партискиот интерес тогаш на ВМРО-ДПМНЕ им одговара да има раздвоени избори, но доколку се гледа интересот на народот тогаш подобро е да има споени избори сѐ со цел да не се трошат двојно пари.

„Ако гледаме чисто партиски интерес на ВМРО-ДПМНЕ повеќе им одговара разделени избори, затоа што на разделени избори на претседателски избори кои би се случиле први ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе победи и после тоа СДСМ нема да може по 20 луѓе да најде да стави на листи за пратеници, а камоли да се надева на некаков резултат. Но ако гледаме од аспект на државата, на народот им одговара да се споени изборите и побрзо да заврши тој цел изборен циклус, да не се трошат двојно пари и да може Македонија да добие нова функционална влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која што ќе почне да ги решава проблемите“, вели Николоски.

Николоски рече дека вкупната разлика меѓу претседателски и парламентарни избори е два месеци, додавајќи дека доколку изборите се одржат одделно тогаш државата ќе биде замрзната од 6 до 7 месеци.

Николоски истакна дека колку и Владата да купува сега време и да продолжува уште 2 месеци владеење, изборниот резултат и од претседателските и од парламентарните избори е сѐ поизвесен, идната влада ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, а претседател на државата ќе биде кандидатот предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

А премиерот Димитар Ковачевски попладнево од собраниската говорница истакна дека избори во земјава распишува претседателот на Собранието според рокови определени со закон и мандат на избраните функционери.

„Избори во оваа држава согласно закон и Устав распишува претседател на Собранието во рокови определени согласно закон и мандат на избраните функционери. Кога зборуваме за избори, вие треба да се потсетите во тоа време дека избори се организираа така како што ќе и дојдеше на наоѓање на политичката околност на вашата партија и затоа парламентарни избори имавме скоро секоја година или секои две години, а некогаш се случуваше кога едни избори ќе завршат во една година за неколку месеци да има други избори“, рече Ковачевски одговарајќи на прашање за изборите од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Премиерот нагласи дека во Министерството за правда постои работна група во која учествуваат претставници од политичките партии освен ВМРО-ДПМНЕ, каде се подготвуваат измените на Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР.

„Во Министерството за правда постои работна група, во која учествуваат претставници на политички партии, освен ВМРО-ДПМНЕ. Од кои причини? Не знам. Тоа веројатно е наследство од пристапот кој што вашата партија го имаше во текот на споменатите 11 години кога беа дерогирани и институции, систем и закони и кога по политичка волја се носеа заклучоци, процеси кои што се спроведуваа. Таму се прават измените согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и се надевам дека ќе пратите претставници за да можат да ги погледнат и да ги дадат своите забелешки“, рече Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ