„Ниту бевме свесни, ниту запознаени со ова, ниту учествувавме во него. Сега е многу тешко да се шпекулира“, рече Блинкен во интервју за Канал њуз Азија за време на посетата на Сингапур.
Иранската револуционерна гарда ја потврди веста за смртта на Ханија неколку часа откако тој присуствуваше на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на земјата.
Ханија, кој ја предводеше палестинската милитантна група со седиште во Катар, беше лицето на меѓународната дипломатија на Хамас додека беснееше војната во Газа, која започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
„Со текот на годините, сфатив дека никогаш не треба да шпекулирате за тоа колкаво влијание може да има еден настан врз нешто друго“, одговори Блинкен на прашањето какво влијание може да има смртта на Ханија врз понатамошниот развој на војната.
Атентатот, кој се случи помалку од 24 часа откако Израел објави дека извршил егзекуција на клучниот претставник на Хезболах за кој тврди дека стои зад нападот со масовни жртви на Голанската висорамнина, окупирана од Израел, може да претставува голема пречка за шансите за постигнување договор за прекин на огнот во оваа 10-месечна војна.
Блинкен, кој е во Азија од крајот на минатата недела, истакнува дека прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците кои се држат во Газа се од клучно значење и дека САД ќе направат сѐ за тоа да се случи.
„Критично е да ги доведеме работите на вистинскиот пат што е можно поскоро на пат кон траен мир и безбедност, така што фокусот да остане ист како и досега.
Ханија ќе биде погребан во Катар по заедничката молитва во петок, соопшти палестинското исламистичко движење.
Во четврток во Техеран ќе се одржи јавен и официјален погреб, по што телото ќе биде пренесено во главниот град на Катар, Доха.