Сега во втор план е поразот од 23-26, зашто инцидентот што го предизвикаа Србите предизвика бура реакции меѓу македонските навивачи на една седмица пред инвазијата на Ниш.
Фиромизирањето на Македонија од страна на РТС не се случува првпат. Неодамна, при посетата на претседателот на државава Ѓорѓе Иванов во Панчево, исто така се случи „инцидент“ со неговото претставување како претседател на БЈРМ. Србија и РТС тогаш се извинија за ненамерната грешка, но… Грешката се случува вторпат во краток период, така што повеќе нема да им вреди оправданието „ненамерна“.
Проблемот е уште поголем, зашто Србија ја има признаено Македонија како држава под уставното име, па изненадуваат гафовите на националниот јавен сервис на северниот сосед. Скандалот на РТС ја запали македонската јавност, и тоа во момент кога тоа е најмалку потребно, особено пред ЕП.
Но појавувањето на грчките знамиња на трибините на српските спортски арени одамна е востановена практика, со оглед дека двете најголеми навивачки групи во Србија, кои се всушност 90 отсто од популацијата на земјата, се збратимени со грчки навивачи. Звездините Делии се блиски со Гејт 7 на атински Олимпијакос, а Партизановите Гробари – со Гејт 4 на солунски ПАОК. И двете грчки навивачки групи се ултранационалистички и со тврдокорни ставови за името Македонија. Всушност, Паоковите навивачи се и првите што го извадија транспарентот „Македонија е грчка“. Многу често за овие нивни ставови тие имаат поддршка од српските навивачи. На форумите веќе се води битка за тоа дека Србите ќе ни враќале за тоа што сме биле „поблиски“ со Хрватите, но и поради тоа што сме го признале Косово. Затоа, со право се наметнува прашањето што ли Македонија и нејзините навивачи ги очекува за шест дена во Ниш ако ова во Смедерево беше само најава.
Ниш од идниот викенд ќе биде под македонска инвазија, но случајот „Смедерево“ покажа дека целонеделната забава може набрзина да зоврие ако се појават провокации од домашната страна и особено ако се повторат сцените со грчките знамиња. Ниш одамна е познат како центар на јужносрбијанските навивачки подгрупи на двете најголеми групи во земјата, Делии и Гробари, се зборува дека тие се и нивните најтврдокорни крила, па може сешто да се случи ако македонските навивачи решат да одговорат на провокациите.
Од претходно е договорено македонските навивачи во Ниш да патуваат само со лични карти, врз основа на билатералниот договор на двете земји, a со фановите ќе патуваат и полицајци во цивил со цел целонеделната забава да мине мирно и превентивно да се реагира на секоја и најмала можност за инциденти. ЕХФ и Србија објавија правилник приспособен на тамошниот закон за спречување насилство, со кој не се дозволуваат големите знамиња, се ограничува бројот на тапаните, мегафоните и другите спортски реквизити, што исто така предизвика бура од реакции меѓу македонската јавност и навивачите.