Фудбалските великани на Шпанија ѝ должат вистинско богатство на земјата и тоа благодарение на популарниот „Бекамов закон“, кој овозможува двојно помали даноци за странските елитни работници (фудбалски суперѕвезди во случајов) во сите сектори. Но финансиската криза, рецесијата и големата задолженост на Шпанија предизвикаа земјата да биде на раб на банкрот, па владата реши да го укине „Бекамовото правило“, кое предвидуваше данок од 24 отсто, наспроти над 40 отсто во другите земји од ЕУ.
Шпанија донесе ваков закон со цел да го напредне спортот, а Дејвид Бекам беше прв за кого се примени, по што следуваше лавина од суперѕвезди на Пиринеите. Сето тоа направи земјата спортски буквално да воскресне од 2003 наваму и да стане доминантна спортска сила во екипните спортови, без оглед што најголем удел во тоа имаше новата политика за развој на младите спортисти, која е најприменувана во Барселона (во 2011 година освоени европски круни во трите најзначајни спорта – фудбал, кошарка и ракомет).
Според сите најави, најголемите ѕвезди сега ќе мора да издвојат над половина од својата заработувачка за даноци (54 отсто), што лесно може да предизвика лавина на заминувања од Ла Лига. Прв на удар би бил Реал Мадрид, кој потроши над 300 милиони евра на засилувања за проектот „Галактикос 2“.
„Сега странците ќе бидат екстремно поскапи. Со Бекамовото правило бевме меѓу тие што плаќаа најмалку, а сега ќе плаќаме најмногу. Тоа значи 54 отсто во просек, 56 во Каталонија. Укинувањето на Бекамовото правило е лоша шега“, вели Хосе Марија Гај, универзитетски професор на универзитетот Каталуња.
Роналдо, како најплатена фудбалска ѕвезда меѓу најсилните фудбалски лиги (Самуел Ето е најплатен светски фудбалер) заработува по еден милион евра месечно или 12 милиони годишно, што значи дека над шест милиони евра би требало да ги плати на име на данок. Инаку Ерик Абидал, францускиот репрезентативец во Барселона, одби да го продолжи договорот со каталонците, токму поради зголемените даноци.