„Петте титули и пет купа, плус куп во 1961 и титула во 1987 година во поранешна Југославија, и понатаму го прават Вардар, најтрофеен и најуспешен клуб во Македонија. По многуте проблеми во сезоната 2010/11, од тимот на Илчо Ѓорѓиоски едвај да се очекуваше напредок. Минатата сезона, втори одзади, но среќни што се спасија од испаѓање“, пишува УЕФА.
Вистината е дека скопскиот клуб мака мачеше за да најде спонзори, често ја менуваше структурата, но летото донесе нови ветришта, убедливи промени и вработување на Ѓорѓиоски, кој со Македонија ЃП стигна до титулата во сезоната 2008/09. Четириесетгодишникот набрзина направи состав што во 18 кола во македонската лига нема ниту еднаш да загуби.
„Пред почетокот на сезоната никој не очекуваше вакво нешто од нас. Почнавме од нула. Клубот беше дестабилизиран и наша примарна цел беше тој да се врати на здрави нозе и потоа да се размислува за трофеи. Нашите главни ривали, Металург, Работнички, Шкендија и Ренова, со години прават тим, а ние три недели пред стартот на првенството склопивме тим“, вели Ѓорѓиоски.
И така, Вардар освен низ првенството, стигна до полуфиналето на Купот на Македонија, а летните засилувања се покажаа одличен избор. Филип Ивановски со 14 гола го предводи тимот, а меѓу другите дојдоа и Влатко Гроздановски и Мирослав Вајс, сите играчи со репрезентативен калибар.
„Имаме победнички менталитет и тоа нè двои од другите клубови. Задоволен сум од моите игри и од фактот дека сум прв стрелец. Но сите заслуги одат кон моите соиграчи. Овој тим е голем микс на големи индивидуалци. Имаме одлични странци и тоа ни донесе стабилност на тимот“, рече Ивановски.