Се проценува дека Бразил во следната деценија и пол со годишен бруто домашен производ од 4,43 билиони долари ќе го заземе осмото место меѓу десетте најголеми светски економии, додека мексиканскиот доход ќе порасне на околу 3,66 билиони, што ќе му обезбеди деветто место меѓу најмоќните глобални економски сили.
Според истражувањето на четвртата по големи сметководствена компанија во светот, Кина во 2030 година ќе има БДП вреден 38 билиони долари и ќе го заземе првото место меѓу економските сили, додека Соединетите Американски Држави од сегашното прво ќе паднат на второто место, бидејќи нејзиниот бруто домашен производ ќе биде вреден околу 23,47 билиони долари.
Економијата на Индија, исто така, во следните петнаесетина години ќе оствари силен раст и од сегашното петто место, со проектиран БДП од 19,51 билион долари, ќе се качи на третото место на глобалните економски џинови.
Во годините по 2030 ќе дојде до понатамошни глобални економски промени, тврдат британските експерти, во текот на кои Индија, благодарение на економските реформи и демографскиот фактор и како земја со најмлада популација во светот, ќе ги замени позициите со САД и ќе избие на второто место на најмоќни економии.
Традиционално силните и стабилни економии на Германија и Јапонија ќе ги задржат своите позиции меѓу десетте најголеми, но нивниот раст ќе биде скромен, како и растот на руската и индонезиската економија, кои исто така ќе припаѓаат на друштвото на најмоќни економии.
Предвидувањата на компанијата Прајвотерхаускуперс укажуваат дека до половината на овој век динамичните промени и поместувањата на рамнотежата на моќта во глобалната економија ќе продолжат и дека до 2050 година најмоќни економии во светот ќе бидат Кина, САД, Индија, Индонезија, Германија, Јапонија, Британија, Бразил, Франција и Русија.