Климата која ја создава Ел Нињо првпат по неколку години повторно се појави во тропскиот дел од Тихи Океан и тоа би можело да ги крене глобалните температури и да ги смени регионалните временски и климатски шаблони.
СМО со 90 отсто сигурност тргнува од тоа дека тој феномен ќе доминира во втората половина од годината, но сè уште не може да се предвиди обемот на тоа влијание.
Последен пат силните ефекти на Ел Нињо се почувствуваа во 2015/2016, а научниците не се согласни дали тој феномен влијаел на климата и во сезоната 2018/2019.
„Почетокот на Ел Нињо значително ги зголемува шансите повторно да бидат урнати температурните рекорди“, изјави директорот на СМО Петери Талас.
Тој ги повика владите да преземат превентивни мерки за во екстремните временски услови да се зачуваат човечките животи.
Ел Нињо не е поврзан со климатските промени предизвикани од човекот, но може силно да го интензивира нивниот ефект бидејќи дополнително ја загрева атмосферата.
Станува збор за феномен кој се појавува на неколку години, паралелно со загревањето на морето на Тихи Океан и со слабите ветрови пасати кои дуваат од суптропските подрачја кон Екваторот.
Ефектите главно ги чувствуваат Југоисточна Азија, Австралија, Африка, и Централна Америка, додека во Европа тие се најчесто ограничени. Противтежа на Ел Нињо е климатскиот феномен Ла Ниња, кој ги карактеризираше изминатите три години.
Ел Нињо е глобален атмосферско-океански феномен кој настанува поради промената на насоката на ветриштата и температурите на водата во тропскиот дел од Тихи Океан. Самиот термин „Ел НИњо“ на шпански значи „мало момче“ и се однесува на малиот Исус, бидејќи ефектите на Ел Нињо најмногу се чувствуваат околу католички Божиќ.
Ел Нињо носи влажно и дождливо време, и поплави во инаку сувите делови од Јужна Америка, а сушен период во областа на Индонезија. За време на Ел Нињо се менува струењето на ветрот кој тогаш дува од запад кон исток, и потопли води се собираат кон источните делови на Тихи Океан, се крева нивото на океанот и се намалува дебелината на слојот на хранливи материи во него.
За последица на Ел Нињо се сметаат вонредно силните летни дождови долж брегот на Еквадор и северно Перу, и суша во јужно Перу, североисточен Бразил, Австралија и во областа Сахел, и невообичаени временски појави долж брегот на Северна Америка, со повеќе торнада.