недела, 29 септември 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

„Победници“, „Губитници“ и компромисни решенија: Што предвидува Договорот од Преспа?!?

Анализирајќи го Преспанскиот договор од грчка перспектива, грчките научници Ангелос Сиригос и Евантис Хатзивасилиу детектирале бројни отстапки од грчките црвени позиции во однос на „македонското прашање“.

Третата глава во нивната книга „Договорот од Преспа и македонското прашање“ ги обработува општите аспекти од овој договор, најпрвин следејќи ги политичките и правните рамки и процедури во однос на неговата реализација, поместувајќи ги точните рокови за негово спроведување. Оттука, а со оглед дека на пошироката македонска јавност, особено оние кои што го истражуваат ова прашање, им се познати овие аспекти од Договорот од Преспа, нема подетално да се задржиме околу оваа проблематика.

Авторите на книгата, осврнувајќи се на компромисното решение во Договорот, кој определува одредена рамнотежа меѓу двете страни, го посочуваат членот 7. Имено, тие го заклучуваат следното: „Тој (чл.7) се однесува на перцепциите, историскиот контекст, културното наследство, во суштина, идентитетот и самоопределувањето на двете страни. Од почетокот, целта на членот 7 беше да ја зајакне онаа страна која ќе почувствува дека изгубила повеќе со Договорот. Ако, на пример, ФИРОМ го прифатеше терминот „Северна Македонија“ без исклучоци, членот 7 ќе ја решеше оваа правна реалност. Внатре во нивната земја ќе можат неформално да го користат терминот Македонци со свои историски референци без проблем со Грција. Бидејќи на крајот Договорот од Преспа беше неповолен за Грција, членот 7 служеше како водич за грчката страна. Тоа ни кажува дека (Грција) барем на внатрешно ниво ќе можеме да го користиме терминот Македонија или Македонци во смисла што го мислиме без да се впуштаме во идентитетски спорови со Славомакедонците. Сепак, смирувачката улога на членот 7 не менува една реалност: Грција го призна македонскиот државен наратив за посебен национален „македонски“ идентитет“.

И покрај констатацијата дека чл.7 претставува компромисно решение, сепак авторите на книгата токму овој член го детектираат како еден од најпроблематичните делови за грчката страна, особено што истиот допушта втората страна (Р. Македонија) да ги користи, врз основа на историјата, културата, националниот наратив и правото на самоопределување, термините и етнонимите Македонија и Македонци, означувајќи го името на државната територија и етничката припадност на македонскиот народ.

Останатите членови од Договорот, според Сиригос и Хатзивасилиу „се поделени во две основни категории. Во првата категорија (членови 3, 4, 5, 6, 8) релевантните одредби се однесуваат на повторување на некои општи принципи, како што се принципите на Повелбата на ООН или почитување на човековите права, потврдување на постоечките граници и мерките за прием за да се избегнат иредентистички активности и изјави. Во втората категорија (членови 9-18) рамката за соработка меѓу двете држави се утврдува на ниво на дипломатски, одбранбени, полициски, економски, образовни, културни и спортски односи. Во членот 19 е дефиниран начинот на решавање на споровите кои произлегуваат од спроведувањето на Договорот. Меѓународниот суд на правдата ќе биде надлежен орган, но откако ќе се исцрпат билатералните преговори и користењето на добрите служби на генералниот секретар на ООН“.

Во поднаслов од оваа точка, за изборот на терминот ‘Северна Македонија’, авторите ги претставуваат грчките позиции во однос на преговорите околу името на нашата држава од прогласувањето на независноста, па сѐ до моментот на потпишувањето на Договорот: „Со Договорот од Преспа, Грција прифати сложено име што го содржи терминот Македонија. Ова големо и важно повлекување од позицијата на Советот на лидери од 1992 година претставуваше и компромис на грчката страна. Само тоа содржи значаен дел од суштината на нашата разлика со ФИРОМ. Оттаму сите сложени имиња што го содржат терминот Македонија имаат проблеми, со исклучок на „Славомакедонија“, име кое наводно било одбиено од македонските Албанци. Дали прифаќањето на сложено име што ќе го вклучи името Македонија беше доволен компромис во овие конкретни преговори? Сите претходни грчки влади, барем по 1998 година, потврдно одговорија на таквото прашање. Тие прифатија дебати кои се движат по логиката на сложеното именување. Владините кругови во денешниот момент навестија дека фактот што од 90-тите години се разговара за сложено име, тоа го претвори во нешто дадено и очигледно во перцепцијата на трети страни. Меѓутоа, во преговорите важи правилото дека ништо не се смета за договорено додека не се потпише договор. Многу повеќе, кога опсегот на повлекувањето е толку голем и важен што е логично невозможно да се смета како почетна точка за нови размени и повлекувања. Затоа, сложеното име Северна Македонија само по себе претставува најважна отстапка и неопходен компромис за да се постигне договор“.

Во наредниот поднаслов „Северна Македонија, но Македонци“, авторите повикувајќи се на членот 1 став 3 од Договорот (Официјалното име за државата, нејзините официјални органи и други јавни субјекти ќе биде усогласена со официјалното име „Република Северна Македонија“ или „Северна Македонија“), сметаат дека граѓаните на Р. Македонија, т.е. нивната националност и државјанство треба да се именуваат како „Северномакедонци“. Во продолжените тие наведуваат пет (5) примери од Светот со вакви карактеристики: Јужна Африка, Централноафриканска Република, Јужен Судан, Источен Тимор и Екваторијална Гвинеја, каде што името на државата го опредува официјалното именување на народот и нивното државјанство. Меѓутоа, според нив, реалната пракса и правото не се движеле во насока на грчките очекувања. „Ние, сепак, доаѓаме до договор кој (исклучително сè што се случува во остатокот од светот) предвидува дека жителите на државата ќе се нарекуваат „Македонци/граѓани на Северна Македонија“, а нивниот јазик „македонски“. Договорот го дефинира терминот „Македонци/граѓани на Северна Македонија“ на два начина. На темата, тука е правната димензија и постои и реалноста. Од правна страна, пасошите на ФИРОМ во иднина ќе го носат долгиот термин „Македонци/граѓани на Северна Македонија“. Секојдневната реалност ја даде премиерот на Скопје, Зоран Заев, кој при потпишувањето на Договорот од Преспа дословно рече: „Македонци, Грци, Европејци“. Во пракса, никој освен пасошите нема да го споменува долгиот термин на Договорот. Сите ќе се повикуваат на „Македонци“. Тоа е класичен случај кога реалноста навлегува и ги надминува правните текстови“.

Авторите на книгата одат понатаму, накратко осврнувајќи се на одредбите од Договорот за македонскиот јазик (подоле во текстот ова прашање детално го анализираат): „Интересно е и тоа што во Договорот од Преспа не требаше да навлегуваме во логиката на дефинирање на етничките карактеристики. Но, ние прифативме да ја карактеризираме суштинската етничка карактеристика на еден етникум, неговиот јазик, со тоа што ќе го идентификуваме како македонски. Откако навлеговме во логиката на именување на јазиците, најлогично би било јазикот да го наречеме славомакедонски. Но, да прифатиме дека Славомакедонците тоа не го прифатиле, иако описно е опишано во член 7: Македонскиот јазик спаѓа во групата јужнословенски јазици. Прашањето е зошто не го именуваме со македонски јазик (со македонска транскрипција)? На словенски јазикот се нарекува „makedonski jazik“. Во Јужна Африка постои јазикот на Бурите, наречен африканс. Африканс никогаш не бил преведен како африкански. Како минимум од нас се очекува да го наречеме јазикот „македонски“ (со македонска транскрипција). За жал, тоа не го направивме, а оваа опција доаѓа како додаток на претходната опција за името на земјата.

Основниот контекст според кој се спроведува Договорот од Преспа, подвлекуваат авторите, се случи „во 2008 година кога го спомна тогашната американска амбасадорка во ФИРОМ, Џилијан Миловановиќ. Од текстот објавен на веб-страницата Викиликс, се чини дека предлогот на САД бил „Северна Македонија“ како сложено име, со паралелно признавање на македонскиот идентитет и јазик. Единствената разлика во однос на рамката од 2008 година беше тоа што во Договорот од Преспа името „Северна Македонија“ ќе се користи и внатре. Во период кога треба да се надградуваме геополитички, ја следевме рамката што САД ја подготвија пред десет години, под сосема други услови“.

Димитар Љоровски Вамваковски

За Грција Договорот од Преспа е лоша зделка

„Македонија е една и грчка“ – историскиот пат до Преспанскиот договор

 

Сoвременото „македонско прашање“ – опасност или фикција за грчката национална безбедност!?!

КОЛУМНИ

Соња Стојадиновиќ

 Денешните битки за утрешната безбедност

Ристо Цицонков

Клупи на кејот на Вардар, испариле?!

Рајко Пеколски

Климатска басна

Мурат Алиу

Национализмот како неизлечива балканска болест

Стефан Вељановски

Како да се подобри трговската структура на Македонија

Ристо Цицонков

Термоелектрани на јаглен, до кога?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ