Кинеските воени експерти повикуваат на забрзување на проектот за поставување на националната сателитска мрежа, бидејќи комуникациските сателити на Илон Маск се докажаа на украинското бојно поле и затоа потенцијално претставуваат голема закана за националната безбедност на другите светски економии. Државниот проект што во кинеската сателитска индустрија е наречен ГВ или „Гуованг“, што во превод значи „Државна мрежа“, доби на интензитет во 2021 година како одговор на воспоставувањето сателитски мрежи од американски компании што обезбедуваат широкопојасен интернет со големи брзини.
Само компанијата на Маск планира во следните неколку години да распореди 42.000 комуникациски сателити околу Земјата.
Од почетокот на војната, „Старлинк“ испрати во Украина илјадници земски терминали за примање сателитски интернет-сигнали. Украинската армија не крие дека ја користела оваа интернет-врска не само за да ги одржува војниците на фронтот во контакт со семејствата, туку и за наведување беспилотни летала и за подобрување на прецизноста на артилерискиот оган за да се спречи попусто трошење муниција.
Фактот дека украинската армија ја користела интернет-врската добиена од сателитите на Маск за наведување беспилотни летала не ги остави рамнодушни кинеските воени експерти. Меѓутоа, најавата на вселенската компанија на Илон Маск дека ќе развие уште еден проект наречен „Старшилд“ (Ѕвезден штит), кој ќе биде ориентиран кон целите на националната безбедност на САД, дополнително ги вознемири воените кругови во Пекинг.
„Кога ќе биде завршен проектот Старшилд, тоа ќе биде еквивалентно на инсталирање мрежни камери за надзор низ целиот свет. Воените операции, вклучително и лансирањето балистички ракети, хиперсонични ракети и борбени авиони, тешко дека тогаш ќе го избегнат американскиот надзор“, предупредија истражувачите од Вселенскиот инженерски универзитет на Народноослободителната војска на Кина во статија објавена на официјалната веб-страница на кинеската војска на крајот од минатата година.
За да можат да лансираат голем број телекомуникациски сателити за краток временски период, кинеските експерти веќе извршија тест на ракетен мотор за повеќекратна употреба и очекуваат до 2025 година да имаат своја ракета способна, како онаа на Маск, повеќе пати да летне и вертикално да слета на земјата.
Минатата година Пекинг писмено ја извести агенцијата на ОН – Меѓународната телекомуникациска унија – дека планира да лансира 12.992 сателити во ниската орбита на Земјата на одредени фреквенции во неодредена временска рамка.
„Постои мошне голема шанса Кина оваа година да лансира неколку десетици комуникациски сателити во ниската орбита. А следната година би можела да лансира неколку стотини“, рече Блејн Керсио, основач на компанијата „Орбитал гејтвеј консалтинг“, која го следи развојот на кинеската сателитска индустрија, и додаде: „Ако ме прашате дали Кина за пет години ќе има 2.000 комуникациски сателити во ниската орбита, јас би рекол дека тоа би било долниот праг“.
На Кина, која доцни со освојувањето на овој дел од „вселенскиот пазар“, сега ѝ се брза, бидејќи во ниската орбита остануваат сѐ помалку слободни фреквенции. Во документ објавен во февруари, истражувачки тим од Универзитетот за вселенско инженерство на кинеската армија ги обвини САД дека заплениле ресурси во ниската орбита, вклучително и фреквенции, велејќи дека брзото распоредување на сателитите Старлинк не е само комерцијален проект, туку и план од стратегиски интерес за американската влада.
Поради опасноста капацитетите на „Старлинк“ да бидат искористени во воени операции против интересите на другите светски економии, кинеските експерти изработуваа и методи за онеспособување на овие сателити. Кинеските воени експерти предлагаат таканаречено меко убивање со употреба на моќни ласери, емитување микробранови со голема моќност или сајбер-напади за да се парализира сателитската комуникациска мрежа.
Иако оваа програма сè уште е во зародиш, загриженоста на Пекинг за воените способности на „Старлинк“ дава дополнителен увид во заладените кинеско-американски односи, кои сè повеќе ја вклучуваат трката за освојување на вселената.
„Ако Кинезите зборуваат за ранливоста на Старлинк или Старшилд, тоа ни кажува дека тие активно размислуваат за напад, што секогаш ја прави нашата американска војска нервозна“, рече Мартин Вилан, виш потпретседател на Групата за одбранбени системи во компанијата „Аероспејс корпорејшн“, која се занимава со американските вселенски програми.