сабота, 16 ноември 2024

Османи: ОБСЕ е во егзистенцијална криза затоа собирот во Скопје е најголем настан

Министерскиот  годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, на средба со новинарите во спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски” каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот. Во однос на возилата што ќе се користат за спроведување на делегациите, рече дека договорот е рамковен и на повикот се пријавил само еден понудувач. 

Објавено на

часот

Сподели

Ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, се очекуваат 1000 гости во делегациите, делегации од САД, Велика Британија и од Русија, иако не се знае дали ќе пристигне МНР на Русија поради затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји.

Суштински е најголем настан,  зашто ОБСЕ првпат, рече Османи, е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти. Во криза е, додаде тој, зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.

Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање, рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Исто така, организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет за ОБСЕ.

Одлуката за иднина на ОБСЕ , како што рече, очекува да биде токму тука и дека собирот е можност за дијалог на министрите на најголемите земји во светот да комуницираат за прашања за регионот на ОБСЕ. Скопје, рече, ќе биде центар на светот.

Подготвен е и водич на ОБСЕ.  Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, 200 војници ќе бидат возачи за спроведување на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони.

Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите. 

Според искуствата на други држави, се претпоставуваше дека самата конференција ќе чини околу пет милиони евра. Ние сме далеку, далеку под тие средства. И кај другите држави, трошоците се движат помеѓу пет и осум милиони евра за претседавањето, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со организирањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Како што рече, трошоците за претседавањето со ОБСЕ се на земјата што претседава, а околу половина милион евра во текот на годината ги обезбедува Секретаријатот на ОБСЕ, но главно за настаните што се одржуваат во Виена, Прага, Варшава.

-Кога ќе заврши конференцијата, ќе направиме пресек во однос на сите трошоци што се направени, додаде Османи. 

Во однос на возилата што ќе се користат за спроведување на делегациите, рече дека договорот е рамковен и на повикот се пријавил само еден понудувач. ОБСЕ во водичот, според кој МНР го подготвува големиот настан, утврдило стандарди за тип, марка, број на возила итн. 

„Договорот што го постигнавме со рентакар-агенцијата е рамковен како резервен план. Затоа што ние мора, согласно стандардите на ОБСЕ,  да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација – од денот кога доаѓаат, до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи е утврдена цена по возило и по ден, и во договорот јасно пишува дека МНР нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба. Откако ќе ги исцрпиме сите домашни институционални капацитети, значи министерски возила, возила на СОЗР, комбиња, автобуси, сѐ што ќе може да најдеме, тогаш остатокот што нема да можеме да го обезбедиме ние веќе имаме од каде да обезбедиме возила. Тоа мора да го направиме за да сме покриени во однос на возилата“, рече Османи.

Постапката е спроведена по пат на јавен тендер, нагласи тој, при што биле информирани сите  рентакар-агенции, но, за жал, како што рече, имало една понуда.

„Зошто имаше една понуда, треба да ги прашате рентакар-агенциите, дали не можеле да обезбедат толкав број возила, од тие марки, со таа боја, во државата, во регионот, или немале интерес тоа да го направат. Тоа не е прашање за нас, ние имавме законска процедура во која имаше една понуда, цените ги утврдува понудувачот и ние склучуваме договор согласно Законот за јавни набавки. Оттука, нема ништо спорно во тој дел, нема дилема и сомнеж во постапката, најдомаќински е постапено“, рече Османи. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ