Во извештајот се наведува дека во израелските затвори има повеќе од 9.400 затвореници, од кои некои од нив биле држени во тајност без пристап до адвокати и без почитување на нивните законски права, многумина биле изложени на електрични шокови, лишување од сон и други видови на тортура и малтретирање.
Извештајот, заснован на интервјуа со поранешни затвореници и други извори, го осудува „неверојатниот број на притвореници“, вклучувајќи мажи, жени, деца, новинари и бранители на човекови права… заклучувајќи дека таквите практики предизвикуваат загриженост за политиката на произволно притворање.
„Сведоштвата собрани од мојата канцеларија укажуваат на низа ужасни дејствија, како што се тортура со вода и пуштање кучиња врз затворениците, што е флагрантно кршење на меѓународното право, човековите права и меѓународното хуманитарно право“, се вели во изјавата на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Турк.
Наодите од извештајот би можеле да ги користат обвинителите на Меѓународниот кривичен суд кои ги истражуваат злосторствата извршени во врска со нападите на 7 октомври и нивните последици, вклучително и израелската воена кампања во Газа.