„Медиумите целосно нè напаѓаат. Тие проникнуваат толку длабоко со нивните лични, политички, економски, естетски, психолошки, морални, етички и социјални последици што ниту еден дел од нас не останува недопрен, природен, непроменет. Медиумот е порака. Разбирањето на општествените и културните промени е невозможно без познавање на начините според кои функционираат медиумите како целосно опкружување. Сите медиуми се продолжување на некои човечки способности – психички или физички. Тие предизвикуваат четири едновремени процеси: медиумот засилува одредена човечка функција, ги обновува изгубените практики, некои други ги прави застарени и самиот се претвора во нова функција“. (Маршал Меклуан).
Проектот „Огледалото/ The Мirror“ тргнува од оваа позната теза на канадскиот теоретичар Маршал Меклуан рефлектирајќи ја сеприсутната дилема за вистинитоста на она што ни ги пласираат медиумите.
Проектот користи дела – цртежи изработени врз страници од дневни весници кои Јовановиќ ги користи како подлога за цртање и на кои интервенира со цртежи и пораки, притоа менувајќи го нивниот контекст со што се обидува да создаде слоеви на други значења и поинаква реалност од онаа што ја прикажуваат или сакаат да ја прикажат. Тој овие цртежи ги комбинира со цртани и колажирани објекти со селектирани приказни од различни страни од светот за користењето на лажните вести како и примери од уметнички проекти каде лажните вести се користат како уметничка стратегија.
Во светот на медиумите и на социјалните мрежи сè почесто се среќаваме со разни дезинформации и лажни вести. Современите информациски и комуникациски технологии само го олеснија и забрзаа споделувањето на такви информации, па и последиците се далекусежни, а поради тоа Светската здравствена организација појавата на масовното ширење лажни вести го нарече инфодемија.
„Fake news”, лажни вести, дезинформации, значи информации кои се или целосно или делумно неточни, но кои свесно се пуштаат во оптек за да дејствуваат на одредени политички одлуки или едноставно да остварат што поголем број посети на социјалните мрежи.
Лажните вести се шират со голема брзина и во меѓувреме прераснаа во еден од најголемите проблеми, особено во дигиталниот свет. И на корисниците им е тешко да ги разликуваат од веродостојните информации. Се поставува прашањето: на што се должи „успехот“ на лажните вести? Еден од можните одговори го даваат психолозите кои објаснуваат дека луѓето сакаат да ги знаат причините за настаните во светот и кога погрешна информација нуди едноставно објаснување за одредени настани, луѓето ја примаат како факт и кога им е понудено друго објаснување (кое можеби е точното), тие се чувствуваат неудобно бидејќи го губат чувството на сигурност. Во ваков случај, човекот ја прима новата информација како закана за неговото разбирање на настанот и затоа е мотивиран да се задржи на претходното објаснување.
Јовановиќ во својот проект го проблематизира концептот и феноменот на медиумската комуникацијата во современиот простор и време, обидувајќи се преку своите дела да повика на критички однос кон она што ни се претставува како реалност или факт. Да се биде медиумски писмен значи да се биде свесен за својата стварна позиција внатре во медиумскиот пејзаж што рапидно се шири, и да се биде подготвен за анализа на драматичните промени во рамките на самата јавна сфера.