недела, 20 октомври 2024

Њујорк тајмс: Вучиќ ги користи криминалните банди за ширење страв

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот на март 2021 година, претседателот на Србија Александар Вучиќ се појави во живо на телевизија заедно со премиерот и министерот за внатрешни работи. Вучиќ тогаш порача дека има важно соопштение за апсење на банда од подземјето која е одговорна за повеќекратни убиства, пишува Њујорк тајмс.

Министерот за полиција ги предупреди гледачите да ги оддалечат децата од телевизорите, додека на екранот зад него беа фотографии од отсечени глави, тела без глави… Вучиќ ги пофали полицијата и разузнавачките служби и истакна дека за влакно избегнале и самите да бидат убиени. Беше тоа шокантна презентација, дури и за земја како што е Србија. Сепак, тоа беше само почетокот на морничавата кампања на вакви откритија.

Потоа почнаа да протекуваат детали за убиствата во предградието на Белград, каде мачеле, распарчувале и убивале луѓе.

Лидерот на бандата бил големиот хулиган, трговец со кокаин, Вељко Беливук обвинет за убиство и низа други тешки злосторства. Се спомнуваше дека е во добри односи со полицијата и разузнавачките служби. Тој и неговите луѓе биле фотографирани во друштво на моќни луѓе, меѓу кои и синот на претседателот, Данило Вучиќ.

Беливук подоцна зборуваше дека неговата група работела по налог и потреба на Вучиќ, што се покажа и од судските транскрипти.

Беливук предупреди дека доколку Вучиќ ја продолжи постапката против него, ќе има уште многу да каже, пишува американскиот весник.

Во едно „бизарно телевизиско интервју“ неколку месеци по апсењето, тој тврдеше дека неговите луѓе од своите жртви правеле „човечки ќебапи“ и ги испраќале на шефот на Беливук, Радоје Звицер.

Ганстеризмот кој цветаше под Вучиќ, заедно со периодичните закани на Србија да ги „заштити“ етничките Срби во другите делови на регионот, би можел на крајот да го разоткрие решението со кое беше воспоставен мирот на Балканот во 1995. Европејците се за тоа сосема свесни, како и Владимир Путин, кој има причини да ги подели и одврати. Кремљ има долга историја на поддршка на српските националисти како опколени браќа Словени и мотив повеќе од кога било – поради војната во Украина – да предизвика неволји на Балканот.

Но ризиците за Европа се подлабоки од тоа: брендот на етнички шовинизам и демагогија на Вучиќ е ехо на оној на неговиот сојузник Путин, а ширењето нелиберална демократија, која веќе јакне во делови од континентот, претставува иста, може и полоша закана. Случајот Беливук отвори прозорец во мрачната можна иднина, во која Вучиќ одвнатре го поткопува европскиот проект, градејќи држава во која демократијата е фасада, а криминалните банди се користат за ширење страв.

Освен тоа, Њујорк тајмс пишува дека е судски документирано дека Беливук и неговата група добиле поддршка од полицијата во претходните 10 години.

Дополнително, американскиот весник истакнува дека тврдењата дека ова можело да се случи без знаење на Вучиќ „предизвикува смеење во Белград“.

„Вучиќ има речиси целосна контрола над сите аспекти на јавниот живот – од парламентот, преку судовите, полицијата, бизнисот… Апсењето на Беливук и неговата група можеби е една од ретките одлуки во последните години која не ја контролирал“, пишува Њујорк тајмс.

Весникот тврди дека ситуацијата околу Русија, Украина и руската приватна безбедносна група Вагнер го става Вучиќ во позиција на голема моќ од која може да одлучи дали ќе се смири Балканот или повторно ќе има насилство.

„Вучиќ брилијантно ги искористил проблемите на српската мафија, создавајќи атмосфера во која е замаглена линијата меѓу организираниот криминал и државата, што му оди во прилог“, се наведува.

Во текстот се истакнува и дека Беливук можеби ќе останал маргинален насилник доколку неговиот подем не се случил паралелно со подемот на Александар Вучиќ.

„Околу 2012 година, кога Вучиќ ја преземаше контролата над безбедносните агенции, нова група хулигани се појави на стадионот на Партизан, а Беливук беше замолен да им се придружи, кога и почна подемот на групата Јаничари. Таму каде што претходно хулиганите имаа неформална поддршка од полицијата, главно за продажба на дрога, врските на оваа нова група со државата биле директни и политички. Беливук и неговиот нов шеф Александар Станковиќ, познат како „Мутави“, набрзо почнале тесно да соработуваат со своите покровители во полицијата. Во една преписка Беливук ја истакнал својата верност, а неговиот соговорник напишал дека големиот шеф знае за тоа. Не знае на кого се мисли“, пишува Њујорк тајмс.

Се истакнува дека Вучиќ ја консолидирал власта, постепено ја преобликувал Србија во автократија, во прилог на што е извештајот на Фридом хаус за 2019 година.

„Сепак, барањето за прием на Србија во ЕУ одеше по својот тек, како бирократите од Европската Унија да не приметија дека Вучиќ оди во погрешна насока. Еден важен инструмент на моќта за Вучиќ се медиумите. Тој ја искористи државната телекомуникациска компанија за да купи локални телевизиски станици. Пинк е телевизија специјализирана за ријалити шоуа и таа преку своите емисии му помага во сето тоа. Но, уште побесрамни се скандалозните весници“, се наведува.

Весникот потсетува дека за време на инаугурацијата на Вучиќ во 2017 година, хулигани, меѓу кои и припадници на Јаничарите, помогнале во отстранувањето на демонстрантите.

„Стилот на владеење на Вучиќ станува сè поавторитарен, со јавно искажување на лојалноста од страна на неговите соработници од подземјето“, заклучува Њујорк тајмс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ