четврток, 5 декември 2024
Њујорк тајмс

Нешто ја поместува Земјината оска, одговорот има врска со нас

Објавено на

часот

Сподели

Околу крајот на милениумот, вртењето на Земјата почна да накривува, и никој не можеше точно да каже зошто.

Со децении научниците гледаа како просечната позиција на ротационата оска на нашата планета, замислената прачка околу која таа се врти, благо заталкува на југ, подалеку од географскиот Северен пол и кон Канада. Одеднаш, сепак, таа нагло сврте и почна да се движи кон исток.

Со текот на времето, истражувачите дојдоа до шокантно сознание за тоа што се случило. Забрзаното топење на поларните ледени плочи и планинските глечери го сменија начинот на кој масата беше распределена низ планетата доволно за да влијае на нејзиното вртење.

Сега, некои од истите научници открија уште еден фактор што има ист вид ефект: колосалните количества вода што се испумпуваат од земјата за земјоделските култури и домаќинствата.

„Уау“, си помислил Ки-Веон Сео, кој го водеше истражувањето зад најновото откритие, кога неговите пресметки покажале силна врска помеѓу извлекувањето на подземните води и движењето на Земјината оска. Тоа беше „големо изненадување“, вели Сео, геофизичар од Националниот универзитет во Сеул.

Експертите за вода долго време предупредуваат на последиците од прекумерната употреба на подземните води, особено затоа што водата од подземните водоносни слоеви сè повеќе станува витален ресурс во сушните области како што е американскиот Запад. Кога водата се испумпува од земјата, но не се надополнува, земјата може да потоне, да ги оштети домовите и инфраструктурата, а и да го намали количеството на подземниот простор што потоа може да држи вода.

Помеѓу 1960 и 2000 година, исцрпувањето на подземните води во светот се зголемило повеќе од двојно, на околу 75 трилиони галони годишно, проценуваат научниците. Оттогаш, сателитите што ги мерат варијациите во Земјината гравитација открија дека е запрепастувачки степенот до кој резервите на подземни води се намалени во одредени региони, вклучувајќи ги Индија и Централната долина на Калифорнија.

„Не сум изненаден што тоа би влијаело“ на Земјиното вртење, рече Метју Родел, планетарен научник во Центарот за вселенски летови Годард на НАСА. Но „импресивно е што успеаја да го откријат тоа од податоците“, рече Родел, мислејќи на авторите на новото истражување, кое беше објавено овој месец во списанието Геофизикал рисрч летерс https://agupubs.onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1029/2023GL103509. „И дека набљудувањата што ги имаат за поларното движење се доволно прецизни за да се види тој ефект“.

Земјината оска не талкала доволно за да влијае на годишните времиња, кои ги одредува нагибот на планетата. Но прецизните модели и варијации во вртењето на планетата се многу важни за навигациските системи базирани на сателити, кои ги водат авионите, проектилите и апликациите за мапи. Ова помогнало истражувачите да се мотивираат да се обидат да разберат зошто се движи оската и каде може да се упати во иднина.

Вие не можете да го почувствувате тоа, вели Њујорк тајмс, но вртењето на нашата планета не е ни приближно толку урамнотежено како она на глобусот на вашето биро.

Додека се движи низ вселената, Земјата се ниша како лошо фрлено фризби. Ова е делумно затоа што е испакната на екваторот и делумно затоа што воздушните маси постојано се вртат низ атмосферата, а водата се плуска во океаните, по малку влечејќи ја планетата ваму-таму.

А тука е и таа талкачка оска.

Една од главните причини е тоа што Земјината кора и обвивка повторно избиваат откако со милениуми беа покриени со огромни ледени плочи, кои отскокнуваат како душекот од кој станал спијачот. И ова ја менува рамнотежата на масата низ планетата.

Во поново време, рамнотежата исто така беше променета од фактори поблиску поврзани со човековата активност и глобалната клима. Тие вклучуваат топење на планинските глечери и ледените плочи на Гренланд и Антарктикот, промени во влажноста на почвата и нашето заробување на водата со брани.

Друг голем фактор, според студијата на Сео и неговите колеги, е исцрпувањето на подземните води. Во однос на ефектот врз оската на Земјата, испумпувањето вода од подземјето било второ по јачина, помеѓу 1993 и 2010 година, само зад постглечерското местење на планетарната кора, покажа студијата.

Други сили, исто така, може да ја влечат Земјината оска кон нејзиниот нов правец, но нив сè уште не сме ги разбрале целосно, рече Кларк Р. Вилсон, геофизичар од Универзитетот во Тексас во Остин и исто така автор на студијата. „Можно е, на пример, нешто да се случува во течното јадро на Земјата, што исто така придонесува“, рече тој.

И покрај тоа, најновото откритие укажува на нови можности за користење на информациите за Земјиното вртење во проучувањето на климата, рече Вилсон.

Бидејќи научниците во поголем дел од 20 век собрале многу прецизни податоци за положбата на Земјината оска, сега би можеле да ги користат за да ги разберат промените во користењето на подземните води што се случиле пред да станат достапни најсовремените и најсигурни податоци.

Тоа е можност за која Сео вели дека веќе почнал да ја истражува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ