четврток, 28 ноември 2024

Најмалку 40 лица загинаа во невремето во Авганистан, 350 се повредени

Во обилните дождови на истокот на Авганистан загинаа најмалку 40 лица, околу 350 се повредени, соопштија талибанските власти.

Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на авганистанското Министерство за јавно здравје Шарафат Заман Амар потврди дека 40 лица загинале во невремето во понеделникот, и уште 347 повредени се пренесени на лекување во Регионалната болница Нангархар од Џалалабад, главниот град на провинцијата Нангархар и околните области.

Меѓу жртвите има пет членови на семејството, кои загинаа кога се урна покривот на нивната куќа во областа Сур Род, изјави портпаролот на провинцијата Седикулах Кураиши.

Повредени се уште четворица членови на ова семејство, пренесува Асошиејтед прес.

Околу 400 куќи и 60 столбови за електрична енергија се уништени низ провинцијата Нангархар, додаде Кураиши.

Напојувањето со електрична енергија беше прекинато во многу области, комуникациите во градот Џалалабад беа ограничени, додека сѐ уште се проценува целосниот обем на штетата.

Исто така, авганистанските медиуми пренесоа дека најмалку 17 лица загинале, 34 се повредени кога автобус се превртел на главниот автопат што ги поврзува Кабул и Балх во северната провинција Баглан рано утринава.

Причината за несреќата сè уште не е позната, но слични инциденти често се случуваат во Авганистан поради лошите услови на патиштата и невнимателното возење, пренесува Асошиејтед прес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ