понеделник, 25 ноември 2024

Национална стратегија за сајбер-безбедност како одговор на современите сајбер-закани

Шеесетина претставници од јавните институции, експертската јавност и граѓанскиот сектор денеска учествуваат на јавна расправа за донесување на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028.

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека стратегијата е документ кој претставува „сеопфатна рамка за акција која ќе обезбеди координиран национален одговор на современите сајбер-закани и ќе придонесе за побезбедна дигитална иднина на нашата држава“. Изработена е, рече, со највисоко ниво на транспарентност и инклузивност зашто ги вклучила сите засегнати страни.

„ Оваа стратегија претставува камен-темелник во нашите напори за создавање безбеден и доверлив дигитален простор во Република Македонија. Таа е дел од барањата на Европската Унија забележани во извештајот за оваа година, барања од нашите меѓународни партнери од НАТО, но најмногу е од значење за безбедност на интернет на граѓаните и на институциите“, рече Андоновски.

Појасни дека стратегијата има пет столба – првиот е градење силни национални капацитети за сјабер-безбедност со воспоставување квалитетна структура која ќе овозможи да ги зајакнеме нашите одбранбени капацитети во сајбер-просторот.  Како што рече, во сржта на оваа структура ќе биде новиот сектор за сајбер-безбедност во рамки на Министерството за дигитална трансформација.

„Овој сектор ќе биде почетна позиција за градење на политиките и стандардите за сајбер-безбедност, но ќе дејствува и како единствена точка за контакт и координација на сите активности поврзани со сајбер-безбедноста“, рече министерот.

Вториот столб се однесува на отпорност и безбедност на нашите суштински важни субјекти т.е. заштита на критичната инфраструктура, како што рече – од енергетскиот сектор до финансиските институции, од здравствен систем до транспортната мрежа.

„ Важно е што воведуваме системско управување со ранливости преку редовни проверки, ажурирања и предвремени информирања. Стратегијата дава задача за создавање регистри на безбедни и ризични технологии и првпат воведуваме строги безбедносни барања во јавните набавки коишто се однесуваат на  ИКТ-опрема и услуги“, соопшти министерот.

Третиот столб е посветен на градење општество отпорно на сајбер-закани со два клучни фокуса – едукација на возрасните и заштита на најмладите, како и задолжителни обуки на вработените во јавниот сектор и едукативни програми за оние во приватниот сектор.

Четвртиот столб се однесува на минимизирање на влијанието на инцидентите, со оглед на тоа што, рече Андоновски, на секои 11 секунди  некоја организација во светот е подложна на сајбер-напад и нивниот број секоја година расте од 10 до 15 проценти. Нагласи и дека особено внимание се посветува на борбата со сајбер-криминалот.

Петтиот и последен столб од стратегијата е посветен на унапредување на меѓународната соработка во сајбер-безбедноста и сајбер-дипломатијата.

За успешно да се реализира стратегијата воспоставена е јасна организациска структура. Министерството за дигитална трансформација ќе биде носител на најголемиот дел од активностите со 76 конкретни задачи. МВР ќе биде одговорно за 17 задачи, националниот ЦИРТ за 15, Министерството за одбрана и Армијата за четири и за пет задачи ќе биде одговорно Министерството за надворешни работи, а ќе бидат вклучени и други партнерски институции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ