среда, 4 декември 2024

Нов пресврт на судењето за двојното убиство на Вања и Панче: Обвинетиот Кешишов вели дека изменетата изјава од претходното рочиште не е негова

На крајот на денешното рочиште од судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, еден од обвинетите, Влатко Кешишов, кој на претходното рочиште си ја смени изјавата за учеството на Палевски во случајот – сега кажа дека изменетата изјава не е негова.

Објавено на

часот

Сподели

Во изменетата изјава тој кажа дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Денеска Кешишов пред судот кажа дека таа изменета изјава ја напишал под принуда на Палевски додека со комбе биле спроведувани заедно во затворот каде издржуваат притвор.

„Изјавата не е моја”, рече Кешишов додавајќи дека со Палевски на два пати заедно биле превезувани.

Тој појасни дека од Палевски во комбе му било дадено ливче со напишана изјава и му било кажано да ја препише со свој ракопис и да ја поднесе до судот.

Прашан од судијата зошто го направил тоа, Кешишов одговори: „Од страв“.

Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека Кешишов ја повлекува изјавата.

Во врска со тоа што на двапати Манев и Кешишов биле спроведувани од и во затворот заедно, судијата на крајот од денешното рочиште ѝ наредил на затворската полиција спроводот да го врши со четири комбиња, односно секој од обвинетите да биде посебно спроведуван.

На претходното рочиште судијата Ивица Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишов поднел писмена изјава доставена од затвор, во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември минатата година не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.

Пред денешното рочиште изјави дадоа обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска кои рекоа дека пишаната изјава на Влатко Кешишов, во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.

Денеска во судот припадници на интервентната полиција сведочеа како обвинетиот Велибор Манев ги однел до местото каде што било закопано телото на убиениот велешанец Панче Жежовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ