Што значи дете-повратник? Дете-повратник може да биде: дете што е родено во Македонија, меѓутоа на некоја возраст со неговите родители заминува во Сирија и престојува таму, па потоа државата ги враќа во земјава. Има и втор опис на дете-повратник: тоа е дете родено во Сирија, на кое еден или двајцата родители му се македонски државјани. Има и деца на кои едниот родител му е македонски државјанин, а другиот со друго државјанство, но детето е донесено во Македонија.
Невладината организација Плиадис, која работи на психосоцијалната поддршка на повратниците во процесот на РРР, детето-повратник родено во Сирија, без никаква документација, го нарекува фантом-дете.
„Што значи фантом-дете? Тоа е дете на кое едниот или двајцата родители му се македонски граѓани, меѓутоа е родено во Сирија, во време на војна, и во домашни услови и не е впишано во матичните книги на државата во којашто е родено. За тоа дете нема никаква документација дека воопшто постои. Нема документи ни од Сирија, ни од Македонија. Никаде не е регистрирано постоењето на тоа дете“, објаснува Мерал Мусли- Тајроска од Плиадис.
Покрај тоа што главната активност на НВО Плиадис е психосоцијална помош на повратниците, нивната втора активност е вклучување други важни чинители на општеството во целиот процес на РРР, како што се: жените-верски лидерки, стручните работници од училиштата и медицинскиот персонал во Македонија.
Обуки за наставниците, т.е. стручните работници за деца-повратници
Во 2023 година организацијата Плиадис за прв пат самостојно добива проект, поддржан од холандската амбасада, или од МНР на Холандија, со фокус на училишниот кадар што работи со децата-повратници. За разлика од ГЦЕРФ, каде што тие се вклучени директно во работа со повратниците од странските боишта и со нивните семејства, овој пат фокусот е на стручните работници во училиштата.
„Во Македонија секое дете има право на образование. Тоа значи дека и покрај тоа што некои од децата-повратници немаат никаков вид документација, државата им дава можност (не само можност, туку и законски се обврзани) да посетуваат училиште. Така, сите деца-повратници се вклучени во образовниот процес. Ние индиректно работиме со 14 деца, меѓутоа немам податоци за точната бројка на сите деца-повратници. Од проценката на потребите на стручните работници увидовме дека имаат потреба да се надоградат од аспект на препознавање трауми. Односно, имаа потреба од сознанија како да им пристапат на овие ученици. Сепак се работи за сензитивна категорија. Меѓутоа, исто така, поентата е да се применат алатките и стекнатите знаења кон сите ученици кај кои би се појавила таквата потреба. Исто така, и да превенираат за во иднина и други форми на насилен екстремизам“, ги објаснува Мусли-Тајровска мотивите и целите на вториот проект на нивната организација, во контекст на проектот за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратниците од странските боишта.
„Разликата помеѓу проектите што ги водиме под ГЦЕРФ и под холандската амбасада е во тоа што во вториот проект фокусот е на самите стручни работници, на поддршка на нивните капацитети. Во суштина, и покрај искуството што го имаме, во вториот проект не работиме директно со децата-повратници. Тоа значи дека на некој начин имаме ефект врз тоа дете, преку институциите, односно стручните работници, на кои им овозможуваме обука и алатки за работа. Тука се вклучени класните раководители, психологот, социјалниот работник, педагогот и специјалниот едукатор (или по старо – дефектолозите) на тоа училиште. Процесот започна со тоа што организацијата Плиадис има меморандум за соработка со МОН и пред да почнеме да го спроведуваме, овој проект е одобрен од Националниот комитетот за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, како и од Бирото за образование. Потоа, тука е во соработка со самите општини, благодарение на кои правиме договори со менаџерскиот кадар во училиштата, преку кој добиваме пристап до стручните работници. Значи има цела низа процедури и законски регулирани постапки што се исполнети за да го спроведуваме овој проект. Досега се опфатени 5-6 училишта низ цела Македонија“, вели Мусли-Тајроска.
Во контекст на прашањето за точната бројка на децата во Македонија, од семејства на повратници од странски боишта, опфатени во образовниот процес во државата, за попрецизни информации се обративме во Министерството за образование и наука.
„МОН не располага со бараните податоци од причина што вклучувањето на овие деца во воспитно-образовниот процес е преку непосредна соработка на стручните служби од училиштата каде што учениците се запишуваат, со локалните мултидисциплинарни тимови во општините, кои се одговорни за процесот на репатријација, ресоцијализација и реинтеграција на семејствата повратници од странските боишта. Овие тимови и процеси се координирани од центрите за социјална работа“, одговорија од МОН.
Исто така, од МОН истакнуваат дека „учениците (и деца-повратници) во основното образование се запишуваат како редовни ученици и имаат право на основно образование под еднакви услови како и другите деца. Начинот на запишување деца што не се вклучени во наставата е утврден со подзаконски акт“.
Родителите на децата-повратници најголем предизвик за работата на наставниците
Од страна на Плиадис, во рамките на проектот со стручните работници од училиштата, организирани се неколку работилници, чијашто содржина произлезе од истражувањето за проценка на потребите на стручните работници. Тоа значи тие да добијат увид во една поопшта слика: кои се овие деца, низ што поминале тие во Сирија, како да им пристапат, како да постапат во случај на дете што имало трауматично искуство во Сирија, како тоа дете да го интегрираат во средината, во општеството.
Еден од првите предизвици со кои се соочиле стручните работници во наставата во која се вклучени децата-повратници всушност е директниот контакт со родителите. Некои родители не дозволуваат нивните деца да следат часови за предмети како што се уметност, музика и спорт. Родителите прават напори нивните деца да не ги посетуваат часовите по овие предмети.
„Но законски, учениците мора да ги посетуваат овие часови. И ако не ја следат оваа настава, тоа всушност е кршење на правата на децата во Македонија. Друг вид предизвик со кои се соочија стручните работници во Основното училиште за возрасни „А.С. Макаренко“ е барањето ученичките – адолесцентки да немаат машки наставници. Нивното барање беше да не им предава маж, што не е случај на пример кај деца-повратници на помала возраст. Тоа беше барање од самите ученички во почетокот на процесот, но сфатија дека тоа барање не може да им помине. Прво, нема доволно кадар во образованието за такви желби, а потоа во Македонија таков концепт на родова поделеност во образованието нема дури ни во верските училишта. Треба да се има на ум менталниот склоп на деца вратени од Сирија, кои годините во кои се формирале ги минале во еден сосема поинаков начин на живот, каде што мажите и жените во јавната сфера на живеење се строго одделени. Во Македонија тој концепт не функционира. Дури ни во медреса нема нешто, па ни во теолошките училишта. Нема ограничувања дали предавачите да бидат мажи или жени. Ако тие дошле од Сирија со ментален склоп, односно со уверување дека така ќе можат да продолжат да функционираат и во македонското општество, увидоа дека такво нешто тука не минува. Зашто, реално тие треба да се реинтегрираат и ресоцијализираат и да ги прифатат условите според кои функционира општеството во нашата земја. Така што, со текот на времето сфатија“, се некои од искуствата и предизвиците во образованието со децата-повратници од странските боишта што ги споделуваат стручните работници вклучени во програмата на Плиадис.
Дел од обуката на стручните работници е како да разговараат со родителите. Од проценката што ја направиле, професионалците искажале дека имаат потреба од соработка со родителите.
„Значајно е родителите да се вклучат во процесот“, констатира Мусли-Тајроска, која вели и дека по завршувањето на проектот со холандската амбасада, односно работилниците со стручните работници во училиштата, нивната организација Плиадис ќе биде поддршка за наставниците.
„Сакаме да знаат стручните работници дека ние цело време сме им поддршка, место каде што можат да дојдат со какво било барање и ќе им се даде помошта што им е потребна. Односно, не само помош за да даваме алатки поради експертизата, туку да можеме да бидеме и медијатори. Треба да воспоставиме еден реферален механизам, кој треба да биде своевидно јадро, алатка преку која ќе има протек на информации. Да не остане информацијата само кај стручниот работник, или во Плиадис. Напротив, да може сите институции што се вклучени во Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот да добијат пристап во тие информации. Откако стручните работници ќе ги поминат работилниците, кога ќе стекнат нови знаења, ние им нудиме менторска поддршка за време на нивната работа, со цел да им го олесниме процесот. И за на крај, тие стручни работници треба да изработат индивидуални планови, коишто ќе бидат скроени за потребите на децата-повратници. И така се заокружува една целина, преку која даваме поддршка и директно учествуваме во процесот на РРР, меѓутоа во работата со децата-повратници сме биле индиректно вклучени“, заклучува психологот Мерал од Плиадис.
Децата-повратници на различна возраст различно ги искажуваат траумите
Професорот по географија Сенад Зекировиќ од ОУ за возрасни „Антон Симеонович Макаренко“ како стручен работник учествува во проектот на Плиадес за споделување искуства и стекнување нови знаења и вештини за работа со ученици, деца-повратници. Во однос на тоа дали наставниците треба да бидат информирани дали нивното одделение има ученик што е дете-повратник од странски боишта, Зекировиќ смета дека тоа е меч со две острици.
„Можеби е добро да ни кажат нам, на професорите, за тоа од каква средина доаѓаат тие деца, за да знаеме како да се поставиме. Меѓутоа нема ни таква обврска од страна на надлежните институции, ниту некоја таква од стручен аспект. Ние се трудиме да ги прифатиме како и другите деца, да нема некоја подвоеност. Сепак, со досегашните сознанија и искуствата што ги имам стекнато, мислам дека е во ред тоа што не сме информирани за тој момент од минатото на учениците што се деца-повратници. Навистина, тоа има и добра и лоша страна. На пример, во моето одделение, на кое бев класен раководител, имаше ученичка што го оформуваше своето образование како дете-повратник. Таа, иако млада, на училиште дојде како веќе формирана личност, која сакаше да биде прифатена како другите деца. Можеби кај помалите деца е потребен некаков поинаков пристап. Но во нашиот пример, девојчето не искажуваше никаков интерес за некаков посебен третман, или специјален пристап. Се однесуваше и имаше очекувања како и сите други деца. Дури мислам дека и многу голем дел од децата не ни знаеја дека е дојдена од Сирија. Дури и јас, како класен раководител, дознав пред крајот на нејзиното школување во нашето училиште“, вели професорот Зекировиќ.
Основното училиште „Антон Симеонович Макаренко“ е единственото во Македонија што работи со возрасни. За да се запишат таму, учениците треба да имаат наполнето 15 години. Првата и втората година се одделенска настава (еквивалент на наставата од прво до петто одделение во редовните основни училишта), а третата и четвртата година се предметна настава. За 4 години се завршува основно образование. Но ако некои од учениците претходно веќе имаат завршено неколку одделенија во редовна настава, не се враќаат на почеток, туку продолжуваат од таа година кога го прекинале образованието.
„Да се заврши основното образование е важно за децата-повратници, но и за сите граѓани на Македонија, зашто без тоа не можете да бидете пријавени да работите, не може да учествувате на пазарот на трудот, не може дури ни да се венчате, да полагате возачки испит… Многумина од учениците доаѓаат да завршат основно училиште од тие причини“, објаснува професорот Зекировиќ од ОУ за возрасни „А.С. Макаренко“.
Ученичката дете-повратник од Сирија во одделението на професорот Зекировиќ родена е во Македонија, но на 6-7 годишна возраст заминала со родителите за Сирија. Кога се вратиле од таму, имала 13-14 години, но без некакво формално образование од таму.
„Конкретно ученичката за која зборуваме е дете-повратник од Сирија, која образовниот процес го започна во нашето училиште, од почеток. Немавме информации дали минала низ некаков образовен процес во Сирија, но мислам дека немало такво нешто. Кај нас може да кажеме дека започна од нула. Навистина, таа веќе знаеше повеќе јазици, освен мајчиниот. Во моментот кога дојде во моето одделение, знаеше околу 7-8 јазици, кои ги имаше научено по камповите во Сирија. Таа знаеше да зборува македонски, албански, турски, а зборуваше и француски, италијански… Англиски говореше одлично, а имаше познавања и од германскиот јазик. Сепак, тоа знаење не беше стекнато од некое систематизирано образование, што би се рекло, јазиците ги имаше научено на улица, од дружење со деца по кампови, од различни националности. Тука образованието го стекна на македонски јазик. Ако го видите девојчето, по ништо нема да препознаете дека е дете-повратник. Многу интелигентна личност за нејзина возраст, знае да воспостави комуникација со средината, се однесува културно и со голема желба за образование и не покажува никакви знаци за некакви доживеани трауми. Дури при крајот на образовниот процес, јас дознав за траумите низ кои минала. Се дружеше со другите деца, воопшто не беше од оние повлечени деца што се чини се асоцијални. Имаше одреден круг на деца со кои се дружеше, можеби не ширеше премногу познанства, но и другите деца, со условно кажано понормално детство, се однесуваат слично“, раскажува професорот Зекировиќ за своето професионално искуство во работата со дете-повратник од странски боишта.
Да се размисли за можноста за учениците од т.н. вечерно училиште да добијат шанса за редовно средно образование
Иако неговото искуство во поглед на справувањето со траумите на децата вратени од странски боишта е поинакво од она на колегите што работат со 6-7 годишни деца (исто така вратени од боишта), кои траумите што ги доживеале таму ги искажуваат преку страв, недоверба, па и агресивност, сепак вели дека и неговата ученичка имала одредена лична битка со средината.
„Можеби најголем проблем во случајот со ученичката дете-повратник, беше што немаше избор за изразување на слободна волја. Се чувствуваше дека има притисок од дома дека треба да се однесува според некоја поконзервативна интерпретација на исламските закони“, кажува професорот Зекировиќ, но и открива дека таа ученичка се разочарала што не можела да продолжи со редовно средно образование, зашто кога завршила во „Макаренко“, веќе имала повеќе од 17 години.
„Кога станува збор за продолжување со средното образование, за жал имаме еден дисбаланс меѓу законската обврска за задолжително средно образование и можноста овие наши ученици, од основното училиште за возрасни, да продолжат понатаму со образованието. Кога се запишуваат кај нас, мора да имаат полни 15 години, па кога завршуваат, имаат 18-19 години и тие не можат да продолжат со настава во средно училиште. Во средно училиште ги примаат да следат настава ако имаат 15,5 -16 години. Кога ќе наполнат 17 години, веќе ја имаат можноста само да полагаат испити од предметите во средно образование. Ние како училиште баравме да се спушти таа старосна граница за запишување кај нас, за да можат потоа нашите ученици да продолжат во редовно средно училиште. Многумина од нашите ученици, во ова мое десетгодишно искуство, 80-90 отсто од нив се навистина добри ученици и би требало да добијат шанса да продолжат со настава во средно училиште. Кога почнав да работам пред десетина години, имавме секакви случаи, кога навистина не знаеја ниту да читаат, ниту знаеја азбука. Сега веќе, последниве години, поинакви се учениците во нашето училиште, поамбициозни се, па дури го продолжуваат образованието и успеваат да се запишат на Медицински или Правен факултет. А имавме и случаи на многу добри ученици што поради возраста не успеаја да се запишат во средно училиште и останаа само со основно образование“, вели професорот Зекировиќ.
За можноста лицата што како возрасни завршуваат основно образование да се вклучат, т.е. да продолжат со средношколско образование, се обративме за информации во Министерството за образование и наука, во смисла дали се размислува за некакви реформи во тој поглед.
„Согласно со Законот за средно образование, во прва година како редовни ученици можат да се запишат кандидати на возраст до најмногу 17 години, а над оваа возраст се запишуваат како вонредни“, гласи категоричниот одговор од МОН.
Исто така прашавме и дали од Министерството за образование и наука има организирано обуки за наставниците што работат со ученици (деца) на повратници од странските боишта.
„Обуките на оваа категорија на наставници се на ниво на проектни активности во соработка со граѓанските организации што се дел од Конзорциумот на невладините организации што соработуваат со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам. Овие проектни активности се реализираат по добиено одобрение од страна на Министерството за образование и наука, а по претходно стручно мислење од страна на Бирото за развој на образованието“, велат од Министерството за образование и наука.
Впечатокот на оние што се активно вклучени во процесот на реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на децата-повратници од странските боишта е дека ако државата постојано се потпира на проектите што ги работат граѓанските организации, тоа не може да трае бескрајно. Мора да се направи систем што ќе функционира. Сепак, за овој краток период од 2-3 години, колку што се спроведува програмата на МЦМС „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, сметаат дека е направен значителен напредок, како во однос на соработката и довербата со безбедносните институции, така и во интеграцијата на оние што ја прифатиле и се вклучиле во програмата за психосоцијална поддршка. Но и самите носители на овие програми укажуваат дека треба постојано да се работи на одржливост на постигнатите резултати во превенцијата и препознавањето на манифестациите на насилниот екстремизам и тероризам.
Јасминка Павловска
Сторијата е подготвена со поддршка на програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ што ја спроведува конзорциум од граѓански организации предводен од Македонскиот центар за меѓународна соработка, а финансиски е поддржан од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на авторките и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на ГЦЕРФ или другите организациите што ја спроведуваат програмата.