вторник, 19 ноември 2024

На 2 Август Ковачевски во Скопје, Џафери во Крушево, Пендаровски во Пелинце

Објавено на

часот

Сподели

Во Крушево, утре, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани, а на отворањето ќе се обрати Ковачевски, најави владината прес-служба.

„Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден. Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2 Август ќе почне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на тврдината Кале во Скопје ќе се обрати премиерот Ковачевски, а  владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот, соопштуваат од Владата во информацијата за програмата за одбележување на празникот.

Според најавата, на 2 Август во 8,30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот Жена борец во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на градскиот плоштад.

Свечената манифестација во Скопје, продолжува на тврдината Кале во Скопје, во 9,30 часот, каде по положувањето цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати Ковачевски, по што ќе следи културно уметничка програма. Ковачевски таму ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Од Владата информираат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден во Крушево се министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев во споменикот Македониум на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската република, со почеток во 9 часот.

Од 10 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата Св. Никола, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11,30 часот, почнува манифестацијата на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10,15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.

Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.

На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

Од 9 часот, владината делегација, во состав на заменик министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата Даме Груев, споменикот на смилевските Илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ