вторник, 10 декември 2024

Димитриеска-Кочоска: Целта е да се обезбедат поевтини кредити и да се плаќа пониска камата

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во гостување на ТВ Сител, потврди дека комуникацијата со банките за унгарскиот кредит продолжува.

Објавено на

часот

Сподели

Како што нагласи министерката, се очекува од нивна страна да се произнесат во однос на каматната стапка и нивната можност таа да биде на пониско ниво и од 3,25 отсто, како и да се утврдат некои детали во однос на критериумите. Таа истакна и дека немало никаков проблем во разговорите со банкарскиот сектор и дека она што не можело да се договори бил рокот на отплата, но дека се нашло заедничко решение.

„Со банкарскиот сектор единствено, на некој начин, не можевме да го договориме рокот на отплата, затоа што секоја банка има интерна процедура за носење одлука која зависи дали станува збор за опрема или градежни објекти. Целта беше да постигнеме заеднички договор со кој би утврдиле кои би биле роковите, односно тие да ги прифатат истите услови под кои ние го земавме кредитот,  а тоа е 3 години грејс-период и 12 години рок на отплата.  На тој начин да избегнеме ситуација на одење на клиентите од една во друга банка. И ние во тој дел разговаравме. Во делот на каматата, Владата останува, доколку може да изнајде начин и да договори со банките, на некој начин и тие да имаат општествена одговорност, а  со цел да поттикнеме поголемо инвестирање. Тоа беше намерата на премиерот и во таа насока бараше да одат и банките, во делумно субвенционирање на каматата. Ако ги погледнеме сите кредитни линии што оделе од Развојната банка, биле субвенционирани од Владата. Вклучително и онаа последната, којашто е донесена како одлука од претходната влада на 25.07.2023 година и со која  се субвенционира од Владата, но каматата ја намалува за 1 п.п. кој го финансира банкарскиот сектор. Не нудевме ништо поразлично од тоа што досега го имало со Развојната банка. Премиерот имаше еден нов предлог и ќе видиме како ќе се произнесат банките. Ние секако ќе ја субвенционираме каматата и да видиме  колку пониско ќе можат банките да ги пласираат средствата дури и под 3,25%“, рече министерката.

Таа потенцира дека не станува збор за субвенционирање на каматата на компаниите кои ќе ги земат кредитите, туку дека фирмите ќе платат пониска камата од она што е сега просечна по која ги добиваат средствата од банките.

„Фирмите ќе ја платат каматата која ќе биде пониска од она што во моментот го добиваат од комерцијалните банки, а тоа е просечно  4,9%. Можноста е сега тие да добијат пониска камата од 3,25% и таа да биде максимумот по кој приватниот сектор би ги добил средствата“, рече министерката и потенцираше дека никогаш не станало збор Владата да ги плати каматите на фирмите.

„Целта е да се обезбедат поевтини кредити и да се плаќа пониска камата“, рече Димитриеска – Кочоска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ