среда, 4 декември 2024

Борел: Судбината на Украина ќе ја одреди судбината на ЕУ

Судбината на Украина ќе ја одреди судбината на Европската унија (ЕУ), изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на 1.000 ден од руската инвазија на Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Борел ова го изјави по состанокот на министрите за одбрана на ЕУ одржан во Брисел.

Тој додаде дека руската нуклеарна закана е неодговорна.

„Не е првпат тие (Русите) да се закануваат со нуклеарна ескалација, што е целосно неодговорно“, рече Борел.

Високиот претставник на ЕУ пред средбата изјави дека Европејците треба да го следат примерот на САД и да дозволат напади на територијата на Русија со ракети со долг дострел, кои ги испраќаат до украинските сили.

„Се надевам дека сите земји-членки ќе ја следат американската одлука. Убеден сум дека тие (Европејците) ќе го следат примерот на САД и ќе им дозволат на Украинците да го користат тоа оружје за борба против Русите на руска територија“, рече Борел, кој претседаваше со состанокот, негов последен на крајот од мандатот на чело на европската дипломатија.

Франција им испорача на Украинците ракети земја-воздух со среден дострел „скалп“, не исклучувајќи ја можноста тие да бидат употребени на руска територија. Франција, меѓутоа, никогаш не потврди дали таквите напади веќе биле извршени, ниту колку проектили биле испорачани на Киев.

Берлин, пак, досега одбиваше да му достави на Киев ракети Таурус од германско производство, со дострел од 500 километри, поради страв од интензивирање на конфликтот со Русија.

„Ништо не се промени“ во ставот на Германија, изјави денеска министерот за одбрана Борис Писториус по пристигнувањето во Брисел.

Борел, кој ја напушта функцијата во декември, ќе биде заменет од поранешната премиерка на Естонија Каја Калас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ