„Укажуваме дека во интерес на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и поголема заштита на животната средина, Уставниот суд мора своите надлежности, наведени во членот 110 од Уставот, да ги толкува на екстензивен начин и да се впушти во оценување на меѓусебната усогласеност на прописи од ист правен ранг, односно во случајот на две конкретни уредби донесени од Владата, а кои меѓусебно се контрадикторни. Ваквиот став го темелиме на фактот дека Уставниот суд веќе еднаш во 2024 година ценеше меѓусебна усогласеност на две различни одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Оттука доколку Уставниот суд веќе еднаш воспоставил практика во која оценувал две различни одредби од ист закон, дотолку повеќе таквата практика треба да ја продолжи и да оценува усогласеност на две различни уредби кои се меѓусебно контрадикторни. Формалистичкото толкување на своите надлежности во моментот доведува до ситуација каде во правниот промет сѐ уште опстојуваат прописи кои се контрадикторни еден на друг. Ваквата ситуација е целосно спротивна на едни од најважните темелни вредности на македонскиот уставен поредок, односно владеењето на правото и правната сигурност“, велат од МЗМП.
Оттаму сметаат дека е исклучително важно Уставниот суд со својата активност да придонесе кон целосна законодавна хармонизација со меѓународните стандарди, во случајот стандардите за учество на јавноста во носењето одлуки во областа на животната средина.
„Ги повикуваме Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, независно од решението на Уставниот суд, да пристапат кон ревизија на уредбите со кои се определуваат проектите и дејностите за кои се изработува Студија за оцена на влијанието врз животната средина и елаборати за заштита на животната средина со цел да ги отстранат контрадикторностите кои се јавуваат помеѓу ваквите уредби“, сметаат од Македонското здружение на млади правници.
Од Македонското здружение на млади правници сметаат дека уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина во делот „автопати“ е спротивна на темелната вредност на владеење на правото.
„Ова е поради тоа што уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина определува дека за изградба на автопати задолжително се спроведува постапка за оцена на влијание врз животна средина веќе наведува дека за ваквите проекти наместо елаборат се подготвува студија за оцена на влијанието врз животната средина, односно дека двете уредби се контрадикторни една со друга. Истовремено со оглед на тоа што со елаборатите е исклучено учеството на јавноста во донесувањето одлуки, таквата уредба е спротивна на Архуската конвенција“, велат од МЗМП.