четврток, 5 декември 2024

Моите купувачи се луѓе што сакаат уникати

Објавено на

часот

Сподели

Модната креаторка Лиле Корубин неодамна изненади со едни сосема поинакви креации. Мозаици изработени од материјали најдени во природата, но и луксузни детали, како што се кристалите „сваровски“, златото и полудрагите камчиња.
Го побаравме одговорот за преминот од една уметност во друга, за блискоста и разликите меѓу изработката на модно парче и „парче“ од камчиња.
„Енергијата и личниот сензибилитет на бојата, формата и на ритамот е тајната порака што е содржана во двете уметности. Но модата, за жал, бара брзи промени и тоа што денес е ин веќе утре е аут. Мозаикот пак, е вечна слика во камен“, објаснува Лиле Корубин
Позната како една од најтешките и бездруго најстари уметнички техники, мозаикот е уметност што пред сѐ бара многу трпение. Колку време Ви е потребно за изработка на еден мозаик?
Л.Корубин: Најтешкото и најважно во создавањето на еден мозаик е наоѓањето на неговата содржина или слика, како што за еден поет е создавањето една песна. Сите се писмени, а малкумина се поети. Другото е дисциплина, занает, техники и трпение. Времето за изработка на еден мозаик може да биде долго или не, но секогаш е во функција да се искаже главната содржина.
Накратко, како се изработува еден мозаик?
Л.Корубин: Прво се прават скици, па потоа од насобраниот материјал се прават повеќе комбинации за да се одлучите со кој материјал ќе се работи. Материјалот мора да биде во изобилство, значи не се набавува само во продавници, туку треба да го побарате и во природата. Потоа  следува она „крши, крши… и прави и преправај се додека не си задоволен“.
Мозаикот сепак спаѓа во групата на сликарските техники. Колку Вашиот сопруг, сликар, има влијание во идејата и изработката на Вашите мозаици? Критичен ли е тој кон Вас?
Л.Корубин: Нормално, занаетот и сите други методи и техники ги изучив и ги изучувам – зашто тоа никогаш не е завршен процес – во ателјето на мојот сопруг, каде што и јас работам. Ние сме пар кои со години постојано е заедно, многу време поминуваме во разговори, а се разбира и критички осврти, кои се заемни.
Мозаикот сѐ почесто се употребува и како декорација на катче од домот. Сте размислувале ли за еден ѕиден мозаик?
Л.Корубин: Ѕиден, поден, во домот или во дворот, сето тоа е предизвик за мене! Ако добијам таква нарачка.
Златен мозаик, гранит, речен камен, кристалчиња „сваровски“… Цел еден мал свет прецизно вклопен во една рамка. А внатре, во сликата, многу љубов и трпение. Која е тогаш цената на една ваква слика? И кои се купувачите?
Л.Корубин: Отуѓувањето на едно дело значи дека неговата енергија треба да го напушти ателјето и да се рашири во друг простор. Цената се формира за секој мозаик посебно и се трудам да бидам умерена и рационална, за да обезбедам материјални средства за нов материјал за работа. Моја целна група на купувачи се тие што сакаат да имаат нешто уникатно и автентично, нешто што ќе внесе посебност во нивниот простор.

Ј.К

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ