четврток, 28 ноември 2024

Министер: Хрватска нема да стане хотспот за нелегални мигранти

Министерот за внатрешни работи на Хрватска Давор Божиновиќ изјави денес дека таа држава „нема да стане хотспот за нелегални мигранти“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Темата за враќање на мигрантите од западните држави во Хрватска неодамна ја отвори пратеникот и претседателски кандидат на десната политичка партија Мост, Миро Буљ, кажувајќи дека нелегалните мигранти ги враќаат „со тајни летови, со што Хрватска ја претвораат во европски хотспот“.

Одделни медиуми во изминатите денови пишуваа за тоа дека Германија и други западни држави со авиони враќаат во Хрватска поголем број мигранти, бидејќи таму биле прв пат регистрирани.

Според Дојче веле, Германија планира да ги засили депортациите на барателите на азил кои дошле преку други членки на Европската Унија, па и во Хрватска.

Министерот Божиновиќ на новинарите им кажа дека Германија за оваа година најавила 1.519 лица во враќање, а се вратиле 401. Тој додаде дека постои договор за враќање на уште 182 лица до крајот на оваа, и 344 до јуни следната година со комерцијални или чартер летови, пренесува Хина.

„Очекувам во Хрватска да се вратат не повеќе од педесетина лица“, додаде министерот.

Тој истакна дека хрватската полиција оваа година фатила околу 300 шверцери и дека од Хрватска оваа година, преку системот за реадмисија со соседните држави, се вратени 6.958 лица.

Божиновиќ укажа дека за поголемиот број мигранти први земји во кои влегле биле Грција, Бугарија и Романија, а дека мал број дошле со авион во Сараево или Белград како туристи, па се обиделе нелегално да преминат во Хрватска.

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави денес дека летови со мигранти има веќе некое време и дека тоа не е невообичаено.

„Хрватска сигурно не е земја на прво пристигнување, тоа е сигурно. Ако некој дојде до Хрватска, тоа значи дека власта во друга земја не го регистрирала“, додаде премиерот.

Министерството за внатрешни работи на Хрватска претходно ги отфрли тврдењата за „тајни летови“, наведувајќи дека се најавени и одобрени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ