понеделник, 18 ноември 2024
Прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Нема шанса за уставни измени, нема потклекнување пред достоинството на народот, решение се избори

Објавено на

часот

Сподели

„Тие политичари од власта се вусшност лоши и за меѓународната заедница. Сѐ што ветуваа тие не можат да исполнат, зашто нивната цел и не беа интересите и иднината на граѓаните. Османи се грижеше за Албанија, а Ковачевски и Пендаровски за тоа како да опстанат во фотелјите. Нема цена по која ќе се согласам за бугарски диктат“, рече Мицкоски.

„Тие од власта, може да се преставуваат за европејци, но се далеку од тоа. Не се европејци и лажно е нивното сечење на вени по ЕУ, затоа тоа што додека го прават тоа Македонија е под истрага за крадење на пари и злоупотреба на фондови од Европската Унија. Не се  за ЕУ и затоа што нема тендер од кој нема основани сомнежи за провизии, немаат хациенди, вили или земјишта по едно евро за нивната лична корист. Не се за ЕУ затоа што дури од цитостатици за болните од рак крадат, а образованието го доближија до Танзанија наместо до Европската Унија, ќе ве потсетам на оние билборди“, додаде Мицкоски.

Тој нагласи дека претставува манипулација тврдењето дека со негласањето за уставни измени некој е против ЕУ и порача дека станува збор за достоинство на народот, кој пак, како што истакна, во големо мнозинство од дури 80 отсто е против отворање на Уставот на Македонија под туѓ, бугарски диктат.

„Ставот на народот е македонски, а не е македонски предлогот за уставни измени“, рече Мицкоски реплицирајќи му на премиерот на вчерашната изјава дека предлогот за уставни измени е македонски, поддржан од ЕУ и САД.

„Предавничка и губитничка е таа изјава. Тоа не е политичка теза. Тоа е теза на поразен политичар којшто го гледа крајот на својата политичка кариера. Ако беше македонски предлог тогаш ќе излезеше пред граѓаните на избори со тој предлог или ќе излезеше на референдум и македонските граѓани ќе го дадеа легитимитетот за тој предлог. А тој што направи? Криејќи го предлогот од опозицијата шверцерски, тајно, бидејќи така и беше поставен, имплантиран беше таму, вештачки поставен, договори и стави потпис за нешто што од самиот почеток беше јасно дека македонските граѓани не го поддржуваат. Така што, нема право тој човек да зборува за македонски предлог. Македонски предлог давате вие граѓаните. Вие сте суверен на тој предлог, а не Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски. Тоа е губитнички и тоа е предавнички предлог којшто ќе ги следи целиот нивен живот“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека сега на власта треба уште повеќе да ѝ стане јасно дека се наоѓаме во политичка криза, дека на масата веќе нема ништо и дека единственото решение кон кое треба да се пристапи е да се закажат парламентарни избори.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ не можат да останат отсутни од реалноста и оти јасно го гледаат проблемот.

„Ние не сме опозиција во опозицијата. Ние сме опозиција во Македонија која што е македонски проект, проект којшто има за цел да ги штити интересите на македонските граѓани и така и се однесуваме. И ние јасно го гледаме проблемот во којшто македонскиот народ, граѓаните на Македонија, но и самата Македонија овие политичари како Ковачевски и Пендаровски ја втурнаа и тој проблем е на маса. Апсолутно ги слушаме пораките од нашите партнери од меѓународната заедница, апсолутно ги слушаме пораките од нашите партнери од ЕУ, но исто така зашто ние се најдовме во оваа ситуација имаат и тие вина. Зошто имаат вина? Затоа што кога го договараа ова со оваа Влада на СДСМ и ДУИ или на ДУИ и СДСМ како сакате, тие не најдоа за сходно да се обратат до ВМРО-ДПМНЕ и да го консултираат ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ како мнозинска убедливо најголема етничка заедница во оваа своја единствена држава“, посочи Мицкоски.

За Мицкоски, Бугарија најмалку што може да направи е да ги имплементира пресудите од Стразбур.

„Ако вие навистина сакате Бугарите да ги видите во Преамбулата, внимавам што зборувам – во Преамбулата дел од бугарскиот народ којшто живее во Македонија – дел од македонската нација во Преамбулата оние 762 коишто рекле дека бугарскиот им е мајчин јазик, тогаш најмалку што можете е барем три од оние 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права да побарате од Бугарија да ги имплементира коишто се задолжителни и имаат краен рок оваа есен да бидат имплементирани. Дали бараме многу? Не бараме. Ова е моментот и самата ЕУ да ја исправи грешката во којашто ја втурна Македонија’, оцени Мицкоски на прес-конференција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ